Admir Fazlagic
26 Октомври 2017•Ажурирај: 26 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - По одржаниот прв круг од локалните избори во Република Македонија, избрани се градоначалници во 45 општини и во градот Скопје. Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 29 октомври, а според Државната изборна комисија (ДИК), ќе се спроведува во 35 општини, каде што на 1.517 избирачки места ќе се гласа за градоначалник, јавува Anadolu Agency (AA).
Во првиот круг од локалните избори, 37 градоначалници доби владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ). Опозициската ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалници во три општини, а Демократската унија за интеграција (ДУИ) доби градоначалници во Кичево и во Пласница, граѓански комитети две и Демократската партија на Турците освои едно градоначалничко место. Парламентарните партии БЕСА и „Алијанса за Албанците“ не добија ниеден градоначалник во првиот круг.
Од скопските општини, втор круг за избор на градоначалник ќе има во Гази Баба, Кисела Вода, Бутел, Шуто Оризари, Чаир и во Сарај. Од поголемите општини во земјава, втор круг за избор на градоначалник ќе има и во Тетово, Гостивар, Струга и во Штип.
Во првиот круг, локалните избори се одржуваа во 80 општини и во градот Скопје. Се гласаше на 3.480 избирачки места, а право на глас од 2.022.547 граѓани (според пописот од 2002 година) имаа 1.814.644 избирачи, кои можеа да се изјаснат за 260 кандидати од 19 партии и коалиции, како и за 64 кандидати предложени од група избирачи.
Освен за кандидатите за градоначалници, на овие избори учествуваат и 6.627 кандидати на 372 листи за советници во општинските совети.
За набљудување на изборите Државната изборна комисија (ДИК) има издадено акредитации на 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи, 294 преведувачи и шест странски новинари.
„На гласањето во првиот круг од локалните избори немаше посериозни нарушувања на јавниот ред и мир“, информираше Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.
Ова се шести локални избори во Република Македонија по нејзиното осамостојување – првите се одржаа во 1996 година, потоа во 2000, во 2005, во 2009 и последните во 2013 година.