Sanja Janackovic
01 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
БЕЛГРАД (AA) – Во текот на дводневната посета на делегацијата на Грција во Србија, премиерите на Србија и на Грција, Александар Вучиќ и Алексис Ципрас го отворија Бизнис форумот на српските и на грчките стопанственици. Вучиќ ги повика инвеститорите, а Ципрас најави изградба на железничкиот коридор од Солун до Белград и создавање на речен канал за транспорт на стоката, јавува Anadolu Agency (AA).
Форумот на кој се собраа 70 грчки и стотина српски компании од секторот градежништво, прехранбената индустрија, енергетиката, фармацијата, банкарството, туризмот, информатичко-комуникациските технологии и иновации, го организираше Стопанската комора на Србија.
По воведните излагања на претседателот на Комората, Марко Чадеж, претставникот на грчките стопанственици и министерот за стопанство, Горан Кнежевиќ, на присутните им се обратија и премиерите.
Вучиќ ги повика инвеститорите да дојдат во Србија, уверувајќи ги дека тоа е место од каде можат да имаат најголем простор за бесцарински извоз.
„Тоа се земјите на Европската Унија, земјите од регионот низ Цефта договорот и земјите од Евроазискиот сојуз: Русија, Белорусија, Ерменија, Киргистан, Казахстан, но и Турција. Од тука можете со царински стапки помали од еден отсто да извезувате на пазар од преку една милијарда луѓе“, рече Вучиќ.
Тој говореше и за српските туристи, кои ја избираат Грција како своја најчеста дестинација.
Вучиќ се обиде да ги привлече грчките стопанственици говореќи и за тоа дека Србија добива шестпати повеќе инвестиции од Босна и Херцеговина, но и зборувајќи за поттикнувачките мерки.
„Можеме да понудиме најдобри услови, подобри услови од сите други, а вие дојдете за да се уверите во тоа. Ќе дадеме за најмалку пет отсто поповолни услови“, рече српскиот премиер и им се заблагодари на грчките компании коишто вработуваат повеќе од 20.000 луѓе во Србија.
Премиерот Ципрас истакна дека Србија и Грција можат да отворат патишта за нова перспектива на Балканот.
„Сметам дека грчко-српската бизнис заедница претставува јадро на соработката којашто може да функционира како двигател на бизнис мапата на Србија. Нашите можности да ја унапредиме и да ја подобриме бизнис соработката во различни области покажуваат широка перспектива“, наведе Ципрас.
Тој рече дека железничкиот коридор Белград-Солун ќе стане коридор на клучна соработка, развој и напредок на двете земји.
„Географијата на Балканот не треба да се менува со војни, туку низ развој, заедничко промовирање на инфраструктурни проекти коишто ќе ги зближат двете земји. Преку железнички пат ќе се превезува стоката од пристаништето во Пиреја преку Белград. Ова е дел од иницијативата на Кина, која се заснова на соработка меѓу земјите на некогашниот пат на свилата“, рече Ципрас, најавувајќи и создавање на речен канал за транспорт на стоката.
Двајцата премиери се согласија дека треба да се подобри трговската размена меѓу Србија и Грција. Според податоците на Стопанската комора на Србија, таа во минатата деценија се движеше во распон од 280 до 390 милиони евра годишно.
Според податоците од Републичкиот завод за статистика, од јануари до октомври 2016 година, вкупната надворешнотрговска размена во стока со Грција изнесуваше 324,6 милиони евра, вкупниот извоз за десет месеци минатата година бил 112,9 милиони евра, а увозот 211,7 милиони евра.