Ayhan Şimşek
27 Април 2026•Ажурирај: 27 Април 2026
Германскиот министер за надворешни работи денес упати апел до Обединетите нации со цел да преземат поактивна улога во решавање на конфликтот со Иран, како и повторното отворање на Ормускиот Теснец, предупредувајќи дека сегашната состојба се одразува врз глобалната економија, јавува Анадолу.
„За да се решат итните прашања поврзани со мирот и безбедноста, Обединетите нации мора да станат клучниот столб на современата дипломатија за решавање конфликти“, изјави Јохан Вадефул пред заминувањето за Њујорк, каде што ќе учествува на состанокот на Советот за безбедност на ОН.
Тој упати критики кон неколку членки на Советот за безбедност поради блокирањето на одлуките, истакнувајќи дека меѓународната заедница не смее да си дозволи таква опструкција во време кога се соочува со повеќе големи конфликти истовремено.
Шефот на дипломатијата предупреди дека блокадата на Ормускиот Теснец има сериозно влијание врз глобалната економија, што ја чувствуваат особено најсиромашните земји додека глобалниот систем за снабдување со храна се наоѓа под огромен ризик.
„Затоа, денеска во Њујорк ќе се залагам Советот за безбедност на ОН да одговори на својата улога“, изјави Вадефул и продолжи: „Доколку Советот за безбедност на ОН преземе одговорност сега, тоа ќе го зајакне и меѓународниот поредок“, додаде тој.
Иран практично го затвори клучниот поморски коридор по почетокот на војната на САД и Израел на 28 февруари.
Конфликтот во моментов е во мирување, а во тек се напори за негово трајно завршување.
- Одвраќање од нуклеарни закани -
За време на посетата во Њујорк, Вадефул изјави дека ќе учествува и во разговорите за Договорот за неширење на нуклеарното оружје, во екот на растечката загриженост околу нуклеарната пролиферација.
„Сакаме да обезбедиме универзална примена на Договорот за неширење на нуклеарното оружје, иако тоа станува сè потешко“, изјави тој.
Министерот за надворешни работи изјави дека конференцијата за евалуација, што започнува денес, ќе понуди можност за дискусија на зачувувањето на веќе постигнатите резултати од договорот, како и за нуклеарното разоружување.
„Сепак, сè додека продолжуваат нуклеарните закани против нас и нашите партнери, и понатаму ќе ни биде потребно сигурно одвраќање“, изјави тој.