Ivana Ramadanova
05 Август 2016•Ажурирај: 05 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Македонскиот Претседател, Ѓорге Иванов на 4 септември во Рим ќе ја предводи македонската државно - црковна делегација, на свечениот чин на прогласувањето на Мајка Тереза за Светица, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите од кабинетот на Претседателот, а чинот ќе присуствуваат и министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерот за култура, Елизабета Канческа - Милевска, делегации на Католичката црква и на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, градоначалникот на Град Скопје, како и член на фамилијата на Мајка Тереза.
Претседателот Иванов како предводник на македонската државно – црковна делегација на свеченоста во Ватикан, по повод прогласувањето на Мајка Тереза за Светица, ги покани и лидерите на четирите најголеми политички партии, ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА да присуствуваат на овој историски чин за нашата држава.
Своето присуство на манифестацијата во Рим го потврдија Никола Груевски, Зоран Заев и Али Ахмети. Во соопштението се посочува дека во писмата упатени до лидерите на партиите, претседателот Иванов истакнува дека канонизацијата на Мајка Тереза е настан што сите нас треба да нè издигне над секојдневните политички тензии и недоразбирања и да ни помогне да го препознаеме човекот и човечкото во нашиот политички противник.
„Како што знаеме да живееме со нашите најдлабоки верски и етнички разлики, така мора одново да научиме да живееме и со нашите идеолошки и политички разлики и меѓусебно да се почитуваме. Сметам дека ова е одлична можност за барем еден миг да ги оставиме разликите зад нас и пред меѓународната јавност, но, уште поважно, пред македонските граѓани да покажеме единство”, стои во писмото од претседателот Иванов до лидерите на четирите партии.
На канонизацијата на Мајка Тереза се очекува присуство на многубројни верници и високи гости од целиот свет.
Како земји на нејзиното потекло, раѓање и мисија, Република Македонија, заедно со Република Албанија и Република Индија ќе имаат посебно место на оваа свеченост.