Bekim Laci
05 Август 2016•Ажурирај: 06 Август 2016
ПРИШТИНА (АА) - По синоќешниот напад врз Собранието на Косово, денес во Приштина ситуацијата е мирна и нормална. Снимките од Anadolu Agency (АА) говорат дека полицијата е присутна пред Собранието и дека е оштетена собраниската зграда, врз која синоќа беше фрлена експлозивна направа.
Портпаролот на косовската полиција, Даут Хоџа, соопшти дека по добивањето на информацијата за нападот на Собранието, косовската полиција со своите единици веднаш реагирала преку преземање навремени активности во врска со инцидентот.
„Како резултат на професионалниот ангажман на полицијата, освен што е обезбедено местото на настанот, обезбедени се и докази кои можат да доведат до расветлување на случајот, како што се: оружје за лансирање мини, со кое се претпоставува дека е извршен нападот врз зградата на Собранието на Република Косово. Полицијата во улицата „1 Октомври” успеа да пронајде еден запален мотор и шише Молотов коктел кое се претпоставува дека е употребено од страна на осомничените”.
Според портпаролот на полицијата, нема информации за повредени лица, а предизвикана е материјална штета на ѕидот од собраниската зграда. Оштетени се неколку прозорци се и неколку службени возила кои биле паркирани пред Собранието.
Полицијата работи на собирање и анализа на сите факти и докази со цел расветлување на овој настан.