Abdula Berisha
01 Јули 2022•Ажурирај: 01 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) - Опозицијата во Собранието на Северна Македонија не ги обезбеди потребните бројки за да изгласа интерпелација за претседателот на Собранието, Талат Џафери, јавува Агенција Анадолија (AA).
На денешната седница на дневен ред имаше само една точка, таа за интерпелацијата поднесена од опозицијата во Собранието. Седницата започна околу 11 часот по локално време и продолжи во текот на целиот ден, додека гласањето се одржа околу 23:30 часот, бидејќи според Деловникот на Собранието, гласањето мора да се одржи на денот кога е закажана седницата.
На гласањето учествуваа 104 пратеници од вкупно 120 во Собранието на Северна Македонија. Од нив, 61 беа „против“ интерпелацијата, додека 43 гласаа „за“.
За да се изгласа интерпелацијата беа потребни 61 глас „за“.
Опозицијата во текот на расправата го обвини Џафери за кршење на одредбите од Уставот и Деловникот на Собранието, за немање капацитет за одржување собраниски седници и за несоработка со пратениците од опозицијата.
За парламентарното мнозинство, единствениот кочничар во Собранието е опозицијата која прави блокади и опструкции и оневозможува да функционира Законодавниот дом.
Претседателот на Собранието Талат Џафери од собраниската говорница рече дека во изминатиот месец опозицијата изнела многу лични навреди кон него, но дека тој нема да зборува на тој начин.
Откако интерпелацијата не беше изгласана, спикерот Џафери рече дека ќе продолжи одговорно да си ја врши работата.
Интерпелацијата ја поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ на 30 мај.