Ahmet Gürhan Kartal
03 Октомври 2018•Ажурирај: 04 Октомври 2018
ЛОНДОН (АА) - Британската премиерка Тереза Меј денес изјави дека Велика Британија не се плаши да ја напушти ЕУ без договор, ако треба да го стори тоа, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на есенската конференција на Конзервативната партија, Меј изјави дека напуштањето на Блокот без договор може да биде тешко на почетокот со наметнатите тарифи, но дека сепак Велика Британија евентуално ќе просперира.
Таа рече дека треба да испратат јасна порака до ЕУ дека двата избора што ги нуди, кои беа наречени како модели на Норвешка и Канада, се неприфатливи за Велика Британија.
„Страсно верувам дека нашите најдобри денови се пред нас и дека нашата иднина е полна со ветувања“, изјави Меј.
„Не дозволувајте никој да ви каже дека ние го немаме она што е потребно. Имаме сѐ што е потребно за да успееме“, додаде таа.
Меј потврди дека Британија ќе биде шампион за слободна трговија низ светот, додавајќи дека нивното најголемо средство е нивниот талент.
Меј во својот говор, исто така упати желба за единство во нејзината партија, повикувајќи ги нејзините членови да дојдат заедно.
- Писмо за недоверба -
Британската премиерка изјави дека Лабуристичката партија ќе прифати каков било договор од ЕУ, без разлика колку лошо ќе биде тоа за земјата.
Исто така, отфрлајќи го вториот референдум за Брегзит, Меј рече дека народот гласал и одлучил да ја напушти Унијата.
„Доколку Ториевците не се обединат, ризикуваме да завршиме без Брегзит“, додаде таа.
Меј, исто така, го сигнализираше крајот на мерките за штедење во блиска иднина, кои беа воспоставени во изминатите десет години.
„Не смее да има враќање на неконтролираното позајмување во минатото, но британскиот народ мора да знае дека крајот е на повидок“, изјави таа.
„Иднината е во наши раце“, додаде Меј.
Во меѓувреме, конзервативниот член на Парламентот, Џејмс Дадриџ, поднесе писмо за изгласување недоверба пред клучниот говор на британската премиерка во Бирмингем.
Во неговото писмо до Грахам Бреди, претседателот на Комитетот 1922 , Дадриџ рече дека се потребни правилни избори за лидер за да се доведе Брегзит.
Тој изјави оти заклучил дека Меј изгледа „неспособна“ за да обезбеди Брегзит кој се базира на принципите од референдумот во 2016 година.
Најмалку 48 конзервативни пратеници мора да испратат писмо на недоверба до партискиот Комитет 1922 за да изгласаат недоверба за партискиот лидер.
Раководството на Меј е цел на критики откако ЕУ го одби нејзиниот договор „Чекерс“ за Брегзит, минатиот месец на неформалниот самит на лидери на ЕУ.
Меј во својот говор изјави дека Велика Британија ја третирала ЕУ со почит, повторувајќи ги зборовите на министерот за надворешни работи, кој рече дека земјата била премногу одговорна во преговорите за Брегзит со ЕУ.
Секретарот за Брегзит, Доминик Раб, ја обвини ЕУ дека не одговара на напорите на Велика Британија.
„Сакаме ЕУ да одговори на нашата амбиција и прагматизам, но тоа не беше прикажано во Салцбург“, изјави Раб, осврнувајќи се на неформалниот самит на ЕУ одржан во австрискиот град, каде што планот „Чекерс“ на британската премиерка беше опишан како нефункционален.
Преговарачите на Велика Британија и ЕУ ќе се состанат во средината на октомври, кога ќе се обидат да склучат договор за проблематичните прашања, како што се иднината на границата меѓу Северна Ирска и Ирска, правата на граѓаните и иднината на трговските односи меѓу страните.
Итен самит за Брегзит ќе биде свикан доколку страните напредуваат за можен договор, велат лидерите на ЕУ.
Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март 2019 година.