Admir Fazlagic
16 Ноември 2016•Ажурирај: 16 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, кој е во работна посета на САД, оствари средбa со Петер Дуе, директор за Азија, Блискиот Исток, Европа и за Латинска Америка во Одделот на Обединетите нации за мировни операции, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според Министерството за одбрана на Република Македонија, на средбата се разговарало за идните планови за учество на припадници на АРМ во мировните операции на светската организација. Воедно, беа разменети мислења за состојбите во Сирија и во Ирак, како и за мигрантската и бегалската криза што ја зафати Европа.
„Еден од главните инструменти на меѓународната заедница за управување со комплексни кризи коишто се закана за меѓународниот мир и безбедност, се мировните операции на ОН. Македонија како одговорен член на оваа организација и првенствено поаѓајќи од заложбата за заштита на светскиот мир и безбедност, како и досега, имајќи ги предвид досегашните учества на припадниците на Армијата на Република Македонија во мисиите на НАТО, ЕУ и ОН, така и понатаму цврсто стои на определбата за учество во овие мировни мисии на ОН“, истакна министерот Јолевски.
Дополнително, тој додаде дека Министерството за одбрана ја разгледува можноста за учество и во други мисии на ОН, согласно потребите и расположливите ресурси и можности.
- Јолевски – Хојт Ји: САД очекувааат фер и кредибилни избори и побрза евроатлантска интеграција
При посетата на САД, министерот Јолевски оствари работна средба и со Хојт Ји, заменик-помошникот државен секретар.
Како што соопштуваат од Министерството за одбрана на Република Македонија, на средбата биле разменети мислења за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за претстојните избори.
„Министерот Јолевски го увери соговорникот дека Владата на Република Македонија има за цел изборите што ќе се одржат на 11 декемеври да бидат фер и демократски. Притоа истакна дека евроатлантските интеграции се врвен надворешнополитички приоритет за Република Македонија. Соговорникот истакна дека САД имаат интерес Република Македонија колку што е можно поскоро да стане членка на НАТО и на ЕУ, и дека доколку изборите на 11 декември се фер и кредибилни, САД ќе ја поддржи Владата на Република Македонија во нејзините евроатлантски интегративни процеси, во привлекувањето странски инвестиции и во напорите за подобрување на економијата“, соопштуваат од ресорното министерство.
Воедно, министерот Јолевски упати честитки до американскиот народ за новоизбраниот претседател, Доналд Трамп и додаде дека заемната соработка меѓу Македонија и САД, засноована на стратешкиот договор, ќе продолжи да се одвива по нагорна линија.
Вечерва во Институтот за мир на Соединетите Држави, во Вашингтон, ќе се одржи традиционалниот концерт за Денот на благодарноста, кој го слави пријателството меѓу граѓаните на САД и Македонија. На концертот ќе настапат македонските уметници, пијанистот Дуке Бојаџиев и кларинетистот Исмаил Лумановски.