Abdula Berisha
31 Јануари 2022•Ажурирај: 31 Јануари 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Владата на Северна Македонија стои дека на средбата, премиерот Ковачевски и специјалниот претставник, Стјуарт Пич, разговарале за натамошниот развој на силните и цврсти билатерални односи помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија.
„Специјалниот пратеник на Обединетото Кралство, инаку поранешен шеф на Генералштабот на Армијата на Обединетото Кралство и командант на Воениот комитет на НАТО, ја пренесе силната посветеност на Лондон за евроатлантската интеграција на Западен Балкан, како и поддршката на неговата земја за промовирање силни, стабилни демократски институции и отворени општества“, стои во соопштението.
Премиерот Ковачевски на средбата го истакна како особено значаен придонесот на Обединетото Кралство во поддршката на Северна Македонија и на Западен Балкан во унапредувањето на условите за безбедност, стабилност и просперитет во земјата и во регионот.