Furkan Abdula
25 Јануари 2023•Ажурирај: 26 Јануари 2023
СКОПЈЕ (АА) – Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, ја оствари својата прва посета на теренската мисија во Скопје во својство на претседавач на ОБСЕ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Османи, заедно со министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал, го посети Полицискиот центар во Ѓорче Петров и разговараше со корисници на обуката во рамките на програмите на Мисијата на ОБСЕ.
Тие присуствуваа на показна вежба на припадници на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и Единицата К9. Османи, Спасовски и Вал по настанот заеднички дадоа изјави за медиумите.
Министерот Османи истакна дека Северна Македонија има повеќе причини зошто ова претседавање, по Киев, го почнува со посета на теренската мисија во Скопје.
„Прво, затоа што теренските мисии се во фокусот на нашето претседавање како земја во која е најстарата Мисија на ОБСЕ. Најдобро знаеме што значи ОБСЕ на терен и сметаме дека имаме кредибилитет да ја искористиме таа улога и функција на ОБСЕ на терен во целиот регион на ОБСЕ. Втората причина е фактот што токму скопската мисија е најстарата, односно првата отворена теренска мисија на ОБСЕ, уште во 1992 година, односно пред 30 години“, нагласи Османи.
Тој рече дека денеска имале можност да ги видат презентациите на неколку проекти на ОБСЕ, и додаде:
„Сега од една перспектива на претседавач на ОБСЕ, сакам да се заблагодарам на министерот за внатрешни работи [Спасовски], на Министерството како еден од корисниците на овие проекти и иницијативи на ОБСЕ, особено за зголемувањето на капацитетите на полициските единици во контрола на малото и лесното оружје, како и на безбедноста на границите. Еве овие возила се дел од тој проект на ОБСЕ, а објектот којшто претходно го видовме во обука на службените кучиња е исто така проект на ОБСЕ.“
Според него, имале можност да се видат и со жените во полициските единици каде што ОБСЕ учествува во обуката со цел да се зголеми нивното присуство, меѓутоа и да можат полесно да напредуваат во кариерата. Османи рече дека во нивните приоритети се жените во безбедносните структури воопшто во ОБСЕ-регионот.
„ОБСЕ, исто така, се фокусира во многу други прашања, како што се владеењето на правото, создавање отпорни демократски институции, човековите права, социоекономскиот развој на општеството. Јас само сакам прво да му честитам на тимот под водство на амбасадорот Вал којшто врши извонредна работа овде, меѓутоа, се разбира, и на институциите на Владата на Република Северна Македонија со коишто ОБСЕ има изградено навистина едно сериозно партнерство. Денеска сме во позиција од земја корисник на услугите на ОБСЕ, да бидеме земја којшто ја претседава најголемата безбедноста регионална организација во светот којашто претставува милијарда и 300 милиони луѓе, 57 земји учеснички“, додаде Османи.
Министерот за внатрешни работи на земјата, Спасовски, рече дека денеска имале можност да посведочат дека средствата и ресурсите вложени во капацитетите на Министерството за внатрешни работи навистина го зајакнуваат капацитетот на организациските едници во предизвиците кои се однесуваат на борбата против организираниот криминал и тероризмот, што, според него, како феномен во денешното време ги имаат поминато границите на националните држави и се закани за регионалната и глобална безбедност.
„Во делот на проектната соработка, би сакал да ги споменам проектните активности за поддршка на МВР за ефективно спречување и истрага на транснационалните закани, при што се реализирани активности во делот на обуки и зајакнување на капацитети во делот на материјално-техничкото работење. Во областа на поддршка на демократското полициско работење, спроведени се проектни активности за примена на демократските принципи на полициското работење, родова менторска програма, зајакнување на капацитетите и во борба против родово базирано насилство, и проектот за градење хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија“, истакна Спасовски.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Вал, нагласи дека претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ е најголемиот успех на земјата и на нивната мисија овде.
Тој нагласи дека донирале 14 возила и приколки и придонеле во обука на единици и кучиња.
Осврнувајќи се на областите во кои вршат активности во земјата, Вал рече дека клучните области на кои работат се реформи во полицијата, правосудството, образованието, како и борбата против корупцијата.
„Северна Македонија оваа година е претседавач на организацијата [ОБСЕ]. Мислам дека земјата е многу добро подготвена да биде претседавач на организацијата. Мојата мисија, лично јас, сме подготвени во поддршка на Северна Македонија во ова претседавање. Не се сомневам дека ќе биде успешно“, додаде Вал.