Furkan Abdula
01 Септември 2021•Ажурирај: 01 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими на средба Јепе Кофод, министерот за надворешни работи на Кралството Данска, кој престојува во посета на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Претседателскиот кабинет, соговорниците на средбата констатирале дека двете држави во континуитет градат пријателски, сојузнички и партнерски односи.
„Во таа насока, претседателот Пендаровски изрази интерес за интензивирање на политичкиот дијалог на високо ниво. Претседателот Пендаровски и министерот Кофод ја истакнаа и потребата за подобрување на економската соработка и трговската размена“, се вели во соопштението.
Се додава дека на средбата станало збор и за процесот на проширување на Европската Унија, при што претседателот Пендаровски изразил благодарност за принципиелната поддршка на Данска за евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
„Претседателот Пендаровски истакна дека нашата држава ќе продолжи да работи на домашната реформска агенда, со фокус на владеење на правото, јакнење на ефикасноста и непристрасноста на судството и борбата против корупцијата“, се нагласува од Претседателскиот кабинет.
Се истакнува дека соговорниците разговарале и за безбедносната состојба во Авганистан, како и за одлуката на Северна Македонија да прифати авганистански цивили.