Furkan Abdula
26 Септември 2023•Ажурирај: 26 Септември 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, го прими на средба министерот за одбрана на Словенија, Марјан Шарец, кој престојува во официјална посета на земјата, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Претседателскиот кабинет, на средбата била потврдена заедничката заложба за интензивирање на билатералната соработка во областа на одбраната, и соработката во рамки на мисиите на НАТО.
Исто така се нагласува дека на средбата биле разменети информации околу актуелните случувања и безбедносните предизвици во регионот.
„Во разговорите беше нагласено дека двете земји ќе продолжат да даваат несебичен придонес во регионалните иницијативи во интерес на натамошен развој на регионот и заедничка иднина во Европската Унија“, се вели во соопштението.
Пендаровски го поздрави потпишувањето на Договорот за соработка во одбраната меѓу двете земји, изразувајќи очекување дека тој договор ќе ја продлабочи соработката меѓу двете земји и ќе отвори ново поглавје на иницијативи и проекти.
Тој изрази жалење за претрпените загуби и штети во големите поплави што ја зафатија Словенија, додавајќи дека и сега, како и за време на шумските пожари во Северна Македонија, двете земји уште еднаш го докажаа меѓусебното партнерство и солидарност.
„Двајцата соговорници истакнаа подготвеност за натамошна меѓусебна помош и поддршка во справување со елементарни непогоди и климатски предизвици, како и за заеднички одговор во итни случаи“, се истакнува во соопштението.
Пендаровски се заблагодари за конзистентната словенечка поддршка за пристапувањето на Северна Македонија кон ЕУ, како и за севкупната поддршка од Словенија во насока на имплементација на реформските процеси и демократизација на земјата.
Инаку, Шарец во текот на денот беше примен и од министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска.