Abdula Berisha
12 Мај 2019•Ажурирај: 13 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во Собранието на Република Северна Македонија се одржа свечената седница за инаугурација на новиот претседател на државата, Стево Пендаровски, со што и официјално започна неговиот петгодишен мандат, јавува Anadolu Agency (AA).
Пендаровски даде свечена заклетва и одржа говор во кој вети дека ќе биде претседател на сите граѓани, без оглед дали гласале за него на претседателските избори.
„Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување, затоа што немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, не водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг”, рече Пендаровски.
Тој додаде дека првата работа што ќе ја направи како претседател на Северна Македонија е да ја пружи раката на помирување кон опозицијата, а истакна дека ќе работи максимално за евроатлантските интеграции.
На инаугурацијата на Пендаровски присуствуваа лидерите на државите од регионот и високи државни претставници, меѓу кои и претседателот на Албанија, Илир Мета, претседателот на Косово, Хашим Тачи, претседателот на Бугарија, Румен Радев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Фарук Кајмакчи, грчкиот министер за надворешни работи, Георгиос Катругалос, црногорскиот министер за надворешни работи, Срѓан Дармановиќ, заменикот министер за надворешни работи на Полска, Макиј Ланг, претставникот на Кабинетот на претседателот на Словенија, како и дипломати и бројни претставници на Владата на Северна Македонија.
По свечената изјава и обраќањето на Пендаровски, се одржа свечен прием и коктел во просториите на Собранието на Република Северна Македонија.
Подоцна, во Кабинетот на претседателот во вилата „Водно“ се одржа свечената церемонија на предавање на функцијата со највисоките воени и државни почести.
Стево Пендаровски беше победник на претседателските избори кои се одржаа на 5 мај, каде што кандидатот на владејачката коалиција (СДСМ, ДУИ, Алтернатива и 28 други партии), обезбеди 436.212 гласови, додека неговата противничка Гордана Силјановска-Давкова, кој беше поддржана од страна на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, обезбеди 377.713 гласови.
Пендаровски ќе биде петтиот претседател од независноста на Северна Македонија. Пред него, функцијата претседател ја имаат вршено Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.
- Стево Пендаровски -
Пендаровски е роден во 1963 година во Скопје. Дипломира на Факултетот за правни науки при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, а магистерските и докторските студии ги завршува на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при УКИМ.
Во изминатите 11 години беше професор на Американскиот колеџ во Скопје, каде предаваше повеќе предмети од областа на меѓународната безбедност и меѓународните односи.
Пендаровски досега има извршувано бројни политички и државни функции. Од 1998 година до 2001 година, тој беше началник на Управата за аналитика и истражување при Министерството за внатрешни работи и портпарол на министерството. Во периодот 2001-2004, Пендаровски беше советник за национална безбедност на Борис Трајковски, тогашниот претседател на Северна Македонија.
Од 2004 до 2005 година, тој ја вршеше функцијата претседател на Државната изборна комисија (ДИК), а во 2005-2009 година беше советник за надворешна политика на тогашниот претседател Бранко Црвенковски. Во 2014 година беше кандидат за претседател, поддржан од СДСМ, но беше поразен од Ѓорге Иванов, досегашниот претседател на државата.
Од 2016 до 2017 година, Пендаровски беше пратеник во Собранието. Од ноември 2017 година, тој ја вршеше и функцијата национален координатор за подготовка на Република Северна Македонија за членство во НАТО.