Besar Ademi
11 Мај 2019•Ажурирај: 11 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Досега за инаугурацијата на новоизбраниот претседател на Северна Македонија, Стево Пендаровски, е потврдено присуството на претседателите на Албанија, Косово, Бугарија и Србија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Досега е потврдено присуството на претседателот на Албанија, Илир Мета; претседателот на Косово, Хашим Тачи; претседателот на Бугарија, Румен Радев; претседателот на Србија, Александар Вучиќ; турскиот заменик-министер за надворешни работи, а воедно шеф за прашања за ЕУ, Фарук Кајмајџи; министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ; министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос и на висок претставник на Кабинетот на словенечкиот претседател Борут Пахор.
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија соопшти дека покана за учество на инаугурацијата е испратена до сите шефови на земјите членки на НАТО и на Европската Унија (ЕУ), вклучувајќи и на претставници на Европската комисија и на земјите од регионот.
На новоизбраниот претседател Пендаровски, денеска во Државната изборна комисија (ДИК) му беше врачено уверението за претседател на државата, додека пред тоа ДИК на еден состанок ги соопшти конечните резултати од претседателските избори.
Во текот на утрешниот ден Пендаровски ќе биде инаугуриран на седницата во Собранието на Северна Македонија, со што официјално ќе му започне петгодишниот мандат.
На неговата инаугурација, Пендаровски ќе се обрати со свечена изјава пред пратениците, членовите на Владата, верските лидери, челниците на Армијата, дипломатскиот кор и гостите од странство.
Пендаровски на изборите беше поддржан од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и коалицијата. Тој во вториот круг на изборите победи со 436.212 гласа, односно со 51,66 отсто гласови на граѓаните кои излегоа на гласање.
Тој ќе биде петтиот претседател од осамостојувањето на државата. Киро Глигоров беше првиот претседател на државата, по кој следуваа Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорѓе Иванов.