Abdula Berisha
29 Март 2023•Ажурирај: 30 Март 2023
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за правда на Северна Македонија, Кренар Лога, и министерката за правда на Австрија, Алма Задиќ, потпишаа заедничка изјава за зајакнување на соработката во делот на реформите во правосудството, пренесува Анадолу.
Министерот Лога одржа работна средба со министерката Задиќ, на која е констатирано дека Австрија ја поддржува Северна Македонија на патот кон Европската Унија.
Лога и Задиќ потпишаа заедничка изјава за соработка на двете министерства во областа на заштитата и спроведувањето на принципите на владеење на правото, реформите во областа на граѓанското и кривичното право, борбата против корупцијата, дигитализацијата на правосудството.
„Министрите се договорија Австрија, преку свои експерти, да ги пренесе своето знаење и искуство, вклучително и професионални обуки на судиите и обвинителите. Министерот за правда, Кренар Лога, рече дека секоја помош од Австрија е добредојдена за натамошниот развој на државата. Министерката за правда на Австрија, Алма Задиќ, му посака успешна работа на министерот Лога и порача дека фокусот на регионот треба да биде насочен кон борбата против корупцијата и спроведувањето на реформите“, стои во соопштението пратено од Министерството за правда на Северна Македонија.
Министерката за правда на Австрија, Алма Задиќ, е дел од австриската делегација предводена од претседателот Александер ван дер Белен кој престојува во посета на Северна Македонија.