Husamedin Gina
20 Декември 2021•Ажурирај: 21 Декември 2021
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, престојува во официјална посета на Северна Македонија, во чии рамки се состана со министерот за надворешни работи на земјата, Бујар Османи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Османи и Сијарто одржаа тет-а-тет средба во Министерството за надворешни работи, по што следуваше средбата меѓу делегациите на двете земји.
По оваа средба, Османи и Сијарто одржаа заедничка прес-конференција.
Министерот Османи истакна дека се свесни дека одлуките на Советот на Европската Унија се носат со консензус, и дека сè помалку граѓани на нашите земји имаат разбирање за тоа на каков начин и со какви аргументи се користи таа привилегија од земји-членки.
„Неспорно е дека довербата во процесот на проширување е на најниско ниво, а тоа го загрозува и кредибилитетот и на целата Унија и создава нови кризи во целиот регион. Но наша обврска не е да гледаме со разочарување на неуспесите туку да ги следиме предизвиците и да нудиме решение“, нагласи Османи.

Нагласувајќи дека остануваат посветени на процесот на интеграција во Европската Унија, Османи рече дека продолжуваат да работат и со соседите и во делот на реформите со несмалено темпо.
На заедничката прес-конференција, министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, наведе дека незапочнувањето на преговорите е нечесен чекор од страна на Европската Унија, бидејќи Северна Македонија ги направи сите неопходни постапки за започнување на преговорите.
„Незапочнувањето на преговорите го нарушува кредибилитетот на Европската Унија бидејќи ние од една страна признаваме дека во Северна Македонија има голем напредок за разни прашања, а од друга страна не ги започнуваме преговорите. Ваквите состојби се штетни, опасни и спротивни на безбедносните и другите интереси на ЕУ“, рече Сијарто.
Географската позиција на Западен Балкан, како што рече Сијарто, влијае на тоа сè потешко да се разбираат процесите што се случуваат во тој регион и чувство дека политиката на ЕУ за Западен Балкан е неефикасна.
Замолувајќи ги пријателите од Бугарија да го одобрат започнувањето на преговорите за членство на Северна Македонија, Сијарто додаде дека отворените прашања може да се решаваат во текот на преговорите.
Одговарајќи на новинарско прашање унгарскиот министер истакна дека екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски е правно прашање за кое е задолжен судскиот систем.