Abdula Berisha
22 Декември 2021•Ажурирај: 23 Декември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, го одржа годишното обраќање во Собранието, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Пендаровски својот говор го започна со едноминутно молчење во почит на сограѓаните кои ги изгубија своите животи во сообраќајната несреќа во Бугарија, во пожарот во модуларната болница во Тетово и на сите оние кои оваа година настрадаа од Ковид-19.
„Серијата ужасни лични трагедии и колективни трауми на нацијата треба конечно да ја разбудат совеста во македонското општество и одговорноста на надлежните институции, затоа што нема ништо повредно од човечкиот живот и ништо понеправедно ако губењето на тој живот е поради човечки фактор, системски пропусти или прекршени правила“, рече Пендаровски.
Зборувајќи за реформите во областа на владеењето на правото, тој рече дека реформите треба да се спроведат во практика докрај.
Пендаровски потсети дека пред еден месец е потпишана заедничка декларација со НАТО, со која формално е заокружен процесот на воена интеграција во Алијансата.
„Иако здравствената и енергетската криза притискаат за поинаков распоред на буџетските приоритети, мораме да останеме посветени на вложувањата во одбраната и безбедноста, затоа што тие се основата за функционирање и на сите други општествени сектори“, рече Пендаровски.
Тој зборуваше и за ширењето на дезинформациите, истакнувајќи ја потребата за унапредување на медиумската писменост на граѓаните, особено на младите во основните и средните училишта.
Претседателот на Северна Македонија зборуваше и за бугарската блокада на интегративниот процес на земјата во Европската Унија, велејќи дека „нашиот пат кон ЕУ беше неправедно блокиран“.
„Немаме дилема околу тоа дека европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но тие, секако, имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции“, рече Пендаровски.
Тој, исто така, истакна дека наспроти сите проценки и очекувања дека регионот е неповратно поставен на западната патека, тенденциите во последниве години покажуваат значителен пад на поддршката за европските интеграции, додавајќи дека Северна Македонија е рекордер во овие трендови.