СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, се состана со генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу, јавува Агенција Анадолија (АА).
Османи и Брегу се состанаа во Министерството за надворешни работи во Скопје, а по состанокот, Османи и Брегу одржаа заедничка прес-конференција.
Османи упати благодарност за иницијативата и активностите на Регионалниот совет за соработка за време на пандемијата на Ковид-19, особено како што рече, за неговата улога во поврзувањето на земјите во регионот за надминување на предизвиците за време на рестриктивните карантини и за време на затворањето на границите.
„Успехот на таканаречените зелени коридори, непреченото минување на стоките и услугите, бизнисот, хуманитарната помош, медицинските средства, што беше од непроценливо значење за успехот на земјата, но секако и на целиот регион, во надминување на предизвиците околу пандемијата“, рече Османи, нагласувајќи дека улогата на Советот била круцијална.
Османи потсети дека пред неколку дена ја претставил мисијата на МНР за наредните четири години, додавајќи дека стабилното и долгорочното пријателство како ново поглавје во односите со соседите и активниот придонес во мултилатерализмот и регионалните иницијативи за дебалканизација на регионот, како и европските перспективи на земјата, се три клучни приоритети од вкупно 5 коишто ги претставил, кои, според него, претставуваат заеднички интерес со Советот.
„Покрај многуте проекти и иницијативи, ги претставив нашите амбиции за отворање нови гранични премини со соседите, како инструмент за поголема и олеснета комуникација во регионот, но и ја потенцирав нашата намера за отворање регионален центар за дијалог, таканаречен Преспа форум, платформа за промоција на добрососедството и решавање на билатералните, но и меѓуетничките прашања, и форум каде што очекувам да произлезат и нови автентични иницијативи за регионална соработка“, истакна Османи.
Како што изјави, на средбата со Брегу разговарале и за предизвиците и потенцијалите од претстојниот Софиски самит во рамките на заедничкото претседавање на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес.
Тој рече дека токму активностите, резултатите и успехот на иницијативите од Берлинскиот процес се во насока на зајакната регионална кохезија и изградба на мостови за соработка, за кои веќе неколку пати зборувал претходно.
Како што нагласи тој, ова не се само декларативни заложби, туку и конкретни активности од коишто треба да имаат корист граѓаните од целиот регион.
Осврнувајќи се на односите со Бугарија, Османи рече дека професионалната и плодна соработка што ја применуваат заедно со соседната земја во менаџирање на агендата на заедничкото претседавање со Берлинскиот процес и тоа во услови на пандемија, е од исклучително значење.
Според него, тоа јасно покажува дека можат да практикуваат партнерски однос и да негуваат европски пристап во меѓусебното комуницирање и функционирање.
„Заедничкото претседавање е всушност еден од тие мостови на соработка кои водат кон зголемена доверба и заеднички успех. Тоа е целта на договорот меѓу двете земји. На рамката којашто ја имаме усогласено, за историските прашања да разговараат експертските комисии, а истовремено да обезбедиме непречена политичка, економска, културна и општествена соработка. Овој процес е од голема важност за нас и за Бугарија, но и за европската иднина на регионот“, истакна Османи.
Меѓу другото, Мајлинда Брегу нагласи дека процесот на регионалната соработка, како дел од Берлинскиот процес, денес има поголема свесност во регионот.
„Граѓаните се тие кои најмногу ја изразуваат потребата за соработување едни со други. Понекогаш на политичарите им е потешко да се ослободат од политичките реторики, но поголемиот дел од граѓаните на регионот имаат желба да имаат што повеќе соработка едни со други“, рече таа.
Брегу нагласи дека кога зборуваат за соработка, не зборуваат само за меѓусебната средба на луѓето или семејните врски, туку зборуваат за продлабочување на односите на економска соработка.
Според неа, економските состојби, економските проблеми, невработеноста, напуштањето на земјата од страна на младите, остануваат нивни главни прашања, и рече дека само преку потесна соработка можат на граѓаните да им дадат надеж да останат во својот дом и масовно да не ја напуштаат земјата.
Брегу изрази надеж дека на Софискиот самит ќе имаат солиден план за повторно зајакнување на економските односи и за формирање заеднички регионален пазар.
„Се надеваме многу дека на Софискиот самит ќе имаме единствен сеопфатен пристап за сите 6 економии во регионот за унапредување на економските односи во дигиталната област, и сигурно за продолжување на проектот, што го спомна министерот, на зелениот коридор, кој фактички уште еднаш сите нас нè убеди колку е потребна меѓусебната соработка“, додаде Брегу.
Таа нагласи дека доколку немаше одлична соработка меѓу сите економии на Балканот, нема да беше можно да им се овозможи на граѓаните слободно снабдување со лекови и храна за време на пандемијата.