Abdula Berisha
25 Мај 2022•Ажурирај: 26 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, го пречека министерот за надворешни работи на Република Грција, Никос Дендијас, кој престојува во работна посета на Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Двајцата министри одржаа билатерален состанок, по што следуваше средба помеѓу делегациите на министерствата за надворешни работи на двете земји.
На заедничката прес конференција по состаноците, министерот Османи изрази задоволство од честите средби, изјавувајќи дека тие се во соодветство со развојот на односите меѓу двете земји.
Тој рече дека Грција е четврти економски партнер на Северна Македонија, додавајќи дека двете земји имаат добра соработка во областа на енергетиката, каде што се работи на повеќе проекти.
„Тоа е важно не само како предуслов за економскиот развој туку и како дел од идната безбедносна архитектура на регионов. Не само на Европа, туку и на Балканот му е потребно зајакнување на отпорноста од енергетската условеност. Потребна е диверзификација на изворите на снабдување со енергенси, потребна е меѓусебна поврзаност и соработка меѓу земјите и тоа претставува не само економско, туку и безбедносно прашање", рече Османи.
Тој исто така истакна дека за него, и евроинтеграцискиот процес е безбедносно прашање, заблагодарувајќи се на Грција за поддршката што ја дава во овој процес.
Грчкиот министер Дендијас изјави дека неговата земја се залага за мирот и безбедноста на регионот, истакнувајќи дека претпристапните преговори за членство во ЕУ треба да почнат веднаш.
„Грција посакува и работи засилено за обезбедување на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот. Веруваме дека единствениот пат за да се постигнат тие цели е јасната и целосна поддршка на европската перспектива на Западен Балкан", изјави Дендијас.
Зборувајќи за економските односи тој изрази задоволство што трговската размена меѓу двете земји го достигнала нивото пред пандемијата, најавувајќи можни инвестиции во Северна Македонија во областа на енергетиката.
За време на посетата, министерот Дендијас ќе оствари средби и со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, по што ќе присуствува на вечера заедно со министерот Османи.