Cuneyt Davut
11 Април 2016•Ажурирај: 12 Април 2016
ИДОМЕНИ (АА) – Во бегалскиот камп во гратчето Идомени, кое се наоѓа на границата меѓу Грција и Македонија, се случи тепачка меѓу сириските Арапи и ирачките Курди, јавува Anadolu Agency (AA).
Тепачката која траеше околу еден час, се случи откако околу 80 сириски бегалци ги нападнаа ирачките Курди, кои се сместени во напуштените вагони. За време на тепачката беше запален еден шатор на ирачките Курди.
Бегалец кој учествувал во тепачката, но сакаше да остане анонимен, рече дека причина за целиот настан биле дофрлувањата од страна на еден Сириец кон курдска девојка, додека друг бегалец тврдеше дека договореното заедничко одење кон границата од страна на двете групи било нарушено со недоаѓањето на Ирачаните, поради тоа денеска Сиријците дошле да се пресметаат со нив.
Тепачката која настанала од засега нејасни причини, заврши по интервенција на полицијата. Во тепачката има повредени бегалци и подолго време не можеше да се сокрие затегнатата состојба.
На почетокот на тепачката, на околу 150 метри од местото бегалците формираа кордон, спречувајќи ги лицата со камери и фотоапарати да се приближат на местото на настанот.
Во меѓувреме, над 12.000 бегалци кои во тешки услови претстојуваат во кампот во Идомени, веќе еден месец се во исчекување на отворање на границата со цел да го продолжат својот пат кон Европа.
Од друга страна, вчера околу 2.000 бегалци се обидоа по илегален пат да ја преминат границата со Македонија, но групата беше разбиена при интервенцијата на македонската полиција со користење солзавец. Како превентивна мерка по настанот кој се случи на границата со Грција, во кој беа повредени 23 припадници на македонските безбедносните сили и околу 300 бегалци, полициите од двете страни ја зголемија својата бројност.