Furkan Abdula
30 Август 2021•Ажурирај: 31 Август 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, утре ќе допатува во официјална посета на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата ја потврди Министерството за надворешни работи на Северна Македонија преку соопштение, во кое се вели дека министерот Бујар Османи ќе биде домаќин на неговиот колега од Грција, Дендијас.
„Посетата на грчкиот министер за надворешни работи е во значаен период кога околностите на регионот и глобалните кризи налагаат заедничко координирање и дејствување меѓу двете соседните земји, со што се потврдува и унапредува нашето стратешко партнерство“, се вели во соопштението.
Според соопштеното, предвидено е министрите да дискутираат за билатералните односи, во тој контекст за напредокот во развојот на стратешкото партнерство, случувањата во регионот, посебно од аспект на неговите интегративни процеси, како и во случувањата пошироко во светот, со посебен осврт на најновите ангажмани во борбата за справување со пандемијата и состојбите во Авганистан.
„Во делот на билатералната соработка, фокусот се очекува да биде ставен на интензивната динамика во средбите на највисоко ниво, унапредувањето на билатералната соработка и договорната состојба, кое уследи по потпишувањето на Договорот од Преспа. Ќе се разговара и за спроведените активности согласно Договорот, како од страна на Северна Македонија така и од страна на Грција“, се додава во соопштението.
Се истакнува дека за време на посетата, грчкиот министер Дендијас ќе оствари средби и со највисоките претставници на нашата држава.