Hasan Esen
18 Јули 2016•Ажурирај: 19 Јули 2016
БРИСЕЛ (АА) – Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека доколку ги добијат потребните докази што ги задоволуваат стандардите од таа област, САД соодветно ќе одговори на барањето за екстрадиција на лидерот на терористичката организација Фетулаџи, Фетулах Ѓулен, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на американската дипломатија, Кери присуствуваше на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на членките на Европската Унија во Брисел, а по состанокот им се обрати на новинарите на заедничката прес-конференција со комесарката на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.
На новинарско прашање за најавеното барање на Турција за екстрадиција на лидерот на терористичката организација ФЕТО, Кери рече дека официјален Вашингтон досега не добил официјално барање од Анкара.
„Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во текот на обраќањето на јавноста изјави дека сака САД да ѝ го испорача Фетулах Ѓулен на Турција. Во разговорот со шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, реков дека барањето за испорачување треба да биде испратено по службен пат и по законски канали. Реков дека барањето што ќе ни го испратат треба да содржи доказен материјал, не само обвиненија“, рече Кери.
Кери, исто така истакна дека доказниот материјал треба да биде во склад со стандардите на правните системи.
„Немаме никаков интерес од неспроведувањето на Договорот за екстрадиција што го имаме со Турција. Официјално не е побарано испорачување, ниту се доставени докази за тоа прашање. Ние не правиме ништо во спротивност со постоечките договори“, изјави Кери.