Muhammet İkbal Arslan
03 Јули 2024•Ажурирај: 04 Јули 2024
ЖЕНЕВА (АА) - Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОН), Волкер Турк, смета дека неодамнешниот подем на екстремната десница во Европа е алармантен, јавува Анадолу.
Турк во Женева одговараше на прашања на новинарите кои, меѓу другото, го прашаа и за неодамна одржаните избори за Европскиот парламент и предвремените избори во Франција.
Тој рече дека секогаш го загрижуваат приказните за понижување и дехуманизација на другите - мигранти, бегалци или баратели на азил од малцинските групи.
„Мора да бидеме многу внимателни за ова бидејќи историјата, особено во Европа, ни кажува дека клеветењето на другиот, понижувањето на другиот е најава за тоа што следува. Да, ова (подемот на екстремната десница, заб.ав.) е аларм“, рече Турк.
Тој нагласи дека од клучно значење е Канцеларијата на ОН за човекови права да продолжи со својата работа и во Појасот Газа и на Западниот Брег. Тој посочи дека е неопходно да се продолжи со следење, известување и документирање на тоа што се случува.
Турк истакна дека се обиделе да најдат начини да ги вклучат надлежните органи во овој процес и успеале во тоа.
Како што рече, меѓународните судови спроведуваат истраги во врска со обвинувањата во Газа, која е под интензивни израелски напади и укажа на важноста од поддршка на постојните механизми за одговорност и нивното функционирање.
На изборите за Европскиот парламент, кои се одржаа од 6 до 9 јуни во 27 земји членки на ЕУ, екстремно десничарските партии го зазедоа првото место во Франција, Австрија и Италија.
Во првиот круг од предвремените избори што се одржаа во Франција на 30 јуни, крајно десничарската партија Национален собир (РН) и нејзините сојузници беа први со 33,15 отсто од гласовите.