Burak Bir
18 Октомври 2023•Ажурирај: 19 Октомври 2023
ЛОНДОН (АА) - Бомбардирањето на баптистичката болница Ал-Ахли во Газа синоќа, во кое животот го загубија 500 луѓе, претставува „злосторство од невидени размери“, објави група адвокати со седиште во Велика Британија, известува Анадолу.
„Катастрофалниот воздушен напад на болницата Ал-Ахли во Газа, во кој се убиени стотици палестински цивили, претставува сериозно воено злосторство“, се наведува во соопштението на групата адвокати.
Групата, чија работа е фокусирана на заштитата и промоцијата на човечките права на Палестинците, ја повика британската Влада „недвосмислено да го осуди овој ужасен напад на болницата“ и да побара целосна правна одговорност.
„Ова мора да биде пресвртница за итен прекин на огнот и Израел конечно да стави крај на политиката на прогон и опсада на цивилите во Газа“, се додава во соопштението.
Групата адвокати ја истакнуваат потребата на истражители на Меѓународниот кривичен суд да им се одобри пристап во Газа за да се овозможи објективна процена на фактите на терен.
„Независната истрага и судски процес се од клучно значење за обезбедување на правдата за недолжните жртви, давање сметка за тешките кривични дела и ставање крај на масовните злосторства“, се додава во објавата на адвокатската добротворна организација, позната како Адвокати за човекови права на Палестинците.
Повеќе од 500 луѓе се убиени синоќа во израелскиот напад на баптистичката болница Ал-Ахли во Газа, соопшти палестинското Министерство за здравство.