Ahmet Gürhan Kartal
02 Мај 2017•Ажурирај: 03 Мај 2017
ЛОНДОН (АА) - Британскиот дом на лордови ја повика Владата на Велика Британија да ја ревидира својата политика за Блискиот Исток, и да се дистанцира од политиката на САД која ја води „нестабилниот и непредвидлив” претседател Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на Горниот дом од британскиот Парламент, исто така, се наведува дека Велика Британија мора серизно да го разгледа прашањето за признавањето на независна држава Палестина, за да го поддржи мировниот процес во тој регион.
Во извештајот се повикува Владата да продолжи со имплементација на постигнатиот договор за решавање на иранското нуклеарно прашање.
Комитетот за меѓународни односи на Домот на лордовите, во извештајот кој го објави денес ја предупредува британската извршна власт дека американската политика што ја води Трамп не е конструктивна и претставува ризик за Велика Британија.
„Претседателот на САД веќе донесе низа неконструктивни одлуки и би можел да ги разгори конфликтите”, предупредува Домот на лордовите.
Осврнувајќи се на Сирија, Домот на лордови во извештајот наведува дека британската „збунетост и неред” во однос на сириската криза довела до контрадикторни ставови кон режимот на сирискиот претседател, и дека моменталната меѓународна политика се покажала како неефикасна во менувањето на Асад од власта, што е предуслов за постигнување на каков било мировен договор во Сирија.
Домот на лордовите ја повика владата во Лондон да ја адаптира и да повлече дистанца во билатералните односи со Саудиска Арабија, и да ја суспендира испораката на оружје кон таа земја поради нејзините воени интервенции во Јемен.