Tarek Chouiref, Rania R.a. Abushamala
24 Август 2026•Ажурирано: 24 Август 2026
Туниските власти вчера соопштија дека се пронајдени телата на 11 нерегуларни мигранти откако нивниот брод потонал во близина на брегот на градот Бен Гардан, во југоисточниот дел на земјата, пренесува Анадолу,
Хусем Един Џебабли, портпарол на Генералната дирекција на Националната гарда, за државната новинска агенција ТАП изјави дека операциите за пребарување и спасување продолжуваат откако се превртел бродот што превезувал 15 мигранти од Тунис.
Тој рече дека во саботата биле пронајдени три тела, вчера уште осум, а продолжуваат напорите за пронаоѓање на другите исчезнати лица.
„Во операциите за пребарување и спасување учествуваат различни поморски единици од поморската царина, крајбрежната стража, цивилната заштита и морнарицата, како и два хеликоптера што им припаѓаат на Националната гарда и армијата“, додаде Џебабли.
Тунис е една од главните појдовни точки за нерегуларните мигранти што се обидуваат преку Средоземното Море да стигнат до Европа.
Сепак, обидите за миграција значително се намалија во изминатите две години откако туниските власти ги засилија мерките против миграцијата и ја заострија контролата на поморските граници.