Ayhan Şimşek
13 Февруари 2025•Ажурирај: 15 Февруари 2025
БЕРЛИН (АА)
Планот на американскиот претседател Доналд Трамп за протерување на Палестинците од Газа би претставувал воено злосторство, изјави Нилс Шмид, еден од најблиските соработници на германскиот канцелар Олаф Шолц, јавува Анадолу.
„Ја отфрламе оваа можност. Тоа би било големо воено злосторство“, изјави Шмид за Анадолу.
„Наместо тоа, треба да се стремиме кон воспоставување решение со две држави преку преговори.“
Шмид нагласи дека германските социјалдемократи (СПД) секогаш го поддржувале правото на Израел да се брани од тероризмот, но исто така очекуваат израелската Влада да ги почитува човековите права и меѓународното право.
„Палестинскиот народ има право на самоопределување и достоинствен живот во своја држава“, рече тој, истакнувајќи дека за конфликтот во Газа не постои воено решение и дека дипломатските напори мора да се обноват.
- Нови предизвици под водство на Трамп
Во пресрет на германските избори на 23 февруари, најновите анкети покажуваат дека СПД има поддршка од 16 отсто, далеку зад Демохристијанска партија (ЦДУ/ЦСУ), која има поддршка од 29 отсто.
Бидејќи е малку веројатно дека ЦДУ/ЦСУ ќе обезбеди парламентарно мнозинство, аналитичарите очекуваат формирање коалициска влада со СПД за стабилна администрација.
Шмид, кој е портпарол на СПД за надворешни работи нагласи дека управувањето со односите со САД под водство на претседателот Доналд Трамп ќе биде клучен предизвик за која било идна коалициска влада.
„Ние социјалдемократите и ние Европејците мора да го браниме меѓународниот поредок заснован врз правила и меѓународното право и се надеваме дека нашите американски пријатели, кои помогнаа во создавањето на овој поредок, ќе придонесат за неговата одбрана“, рече тој.
„За жал, Трамп се гледа себеси како голем преговарач, па затоа не сака навистина да применува правила, туку да склучува договори. Ова ја менува природата на американската дипломатија и мора да се вратиме на овие правила. Зашто само големите сили можат да преживеат без правила, но повеќето нации имаат потреба од нив и ние ќе ги браниме“, додаде Шмид.
- Германија се надева на заеднички интереси
Контроверзните надворешнополитички иницијативи на Трамп во првиот месец од неговиот мандат предизвикаа сериозна загриженост низ европските престолнини и фрлија сенка врз иднината на трансатлантските односи.
Американскиот претседател инсистираше на стекнување контрола над Гренланд, данска територија богата со минерали и со стратегиска положба на Арктикот; најави воведување трговски тарифи за европските производи за да го намали трговскиот дефицит со ЕУ; и побара од европските сојузници да ги зголемат трошоците за одбрана на 5 отсто од БДП.
Неговите одлуки за повлекување на САД од неколку организации на ОН и запирање на финансирањето на меѓународни програми, исто така, предизвикаа загриженост.
Шмид рече дека Германија се надева дека ќе најде заеднички интереси со администрацијата на Трамп, нагласувајќи дека двете страни ја признаваат важноста на трансатлантското партнерство.
„Мислам дека на двете страни на Атлантикот постои зголемен интерес за економски раст, повеќе вработувања и инвестиции во модерни технологии. И мислам дека заедничката економска агенда треба да биде во фокусот на нашата соработка“, истакна тој.