Büşra Nur Çakmak
26 Март 2021•Ажурирај: 27 Март 2021
АНКАРА (АА) - Заклучокот на Европскиот совет за Турција е важен чекор во вистинска насока, изјави доцна синоќа претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Подготвени сме, заедно со Европскиот совет, со земјите членки, да ставиме поконкретни предлози на маса со цел да имаме постабилен, попредвидлив однос со Турција“, изјави Мишел на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен, по виртуелниот Самит на лидерите на ЕУ.
Мишел рече дека лидерите ги задолжиле Европската комисија и високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, да подготват прифатлива позитивна агенда со Турција.
„Прифатлива позитивна агенда, но условена. Тоа значи оти се надеваме дека Турција ќе одржи умерено и позитивно однесување во наредните недели и месеци“, рече Мишел.
„Во темите за дискусија со Турција спаѓаат модернизацијата на 25-годишната Царинска унија, активностите меѓу луѓето и мобилноста, како и миграциите“, рече Мишел.
Мишел истакна и дека се во контакт со турските власти за реализирање евентуална посета на Турција во април.
Вон дер Лејен, од своја страна, рече дека Турција покажала поконструктивен став, вклучително и во нејзините билатерални односи со неколку земји членки на ЕУ.
„Овие се позитивни и добредојдени чекори кои мора да се обидеме да ги изградиме“, рече таа, додавајќи дека деескалацијата останува кревка.
Таа потсети на подготовката на извештајот со Борел „за состојбата на политичките, економските и трговските односи меѓу ЕУ и Турција“, како и за инструментите и опциите за тоа како да се продолжи понатаму со овој однос.
„И во однос на неодамнешниот попродуктивен став на Турција, во извештајот се претставени можни области на соработка за да се овозможи прогресивен и пропорционален пристап“, рече таа.
„Ние понатаму ќе се ангажираме со Турција за прашањата како што се миграцијата, финансирањето, дијалозите на високо ниво и модернизацијата на Царинската унија“, рече Вон дер Лејен.
„Доколку Турција не оди напред конструктивно, ако се врати на еднострани активности или провокации, особено во Источен Медитеран, се разбира, ние би ја прекинале оваа соработка“, додаде таа.
Вон дер Лејен рече дека Комисијата има задача да му претстави и на Советот предлог за тоа како да ги поддржи сириските бегалци во Турција, како и во Јордан, Либан и во други делови од регионот.
„Турција го носи товарот на лавот, но сметаме дека е важно да продолжиме со поддршката во оваа хуманитарна цел заради сириските бегалци во Турција“, додаде таа.