Ekipa
26 Март 2021•Ажурирај: 29 Март 2021
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон упати критики до фармацевтската компанија „АстраЗенека“ поради непочитување на договорот и изрази поддршка за одлуката на Европската Унија да го блокира целиот извоз на вакцини против коронавирусот, сè додека лабораториите не ги почитуваат своите обврски, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи во рамките на Самитот на Европскиот совет доцна синоќа, Макрон потврди дека „Фајзер“/„БајоНТех“ и „Модерна“ ги почитувале своите обврски во врска со снабдувањето со вакцини против Ковид-19.
„Договорните обврски што Франција ги имаше со „АстраЗенека“ не се испочитувани“, рече тој.
Споредувајќи го бројот на дози кои беа ветени и оние кои се набавени од страна од трите производители на вакцината, тој изјави дека британско-шведската компанија обезбедила „120 милиони дози на ЕУ, но сега ветува дека ќе испорача 30 милиони дози“.
„И испораките ги нема. Беше потребно да се стави под контрола“, рече тој.
По откривањето на 29 милиони дози на вакцината на „АстраЗенека“ при инспекција во Италија, Макрон рече дека се надева оти дозите ќе бидат искористени како надомест.
Тој додаде дека контролните механизми активирани од Европската комисија помогнале во идентификувањето на дозите кои инаку би биле пренасочени.
„Не станува збор за протекционизам, туку за спречување на другите развиени земји да користат [дози на вакцини] на сметка на Европската Унија“, рече тој, без да именува ниту една земја.
По недостигот на испораки од страна на „АстраЗенека“, која продолжи да ги исполнува зацртаните цели за Велика Британија, ЕУ во средата ги заостри регулативите за извоз за да ги запре испораките на вакцини против Ковид-19 надвор од Блокот.
Новите правила ќе го регулираат извозот врз основа на епидемиолошката состојба, стапката на вакцинација и пристапот до вакцините во земјата на дестинација.