Ekipa
17 Јуни 2019•Ажурирај: 18 Јуни 2019
АБУЏА (АА) – АДАМ АБУ БАШАЛ/ГОКХАН ПОПЛАР –
Потпретседателот на Венецуела, Аристобуло Истурис, истакна дека Турција во најтешките времиња застанала на нивна страна без страв од ембарго против нив, нагласувајќи дека поради тоа и Турција треба да биде вклучена во процесот за мир во Венецуела, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние сакаме да ја решиме кризата во нашата земја, а Турција покажа дека е на наша страна. Затоа и Турција треба да биде вклучена во процесот во Осло за мир во Венецуела“, рече Истурис.
Потпретседателот Истурис, кој престојува во официјална посета на Нигерија по повод прославите за Денот на демократијата, по програмата „Кампања за солидарност со Венецуела“, одговараше на прашањата на дописникот на АА за последните настани во Венецуела и за поддршката на Турција за Венецуела.
Истурис, нагласувајќи дека Турција не се плаши од ниту една земја, истакна: „Турција не се исплаши од ембаргото што беше воведено против нас и застана до нас во најтешките времиња. Ние сакаме да ја решиме кризата во нашата земја, а Турција покажа дека е на наша страна. Затоа и Турција треба да биде вклучена во процесот во Осло за мир во Венецуела“.
„Од почетокот на кризата во Венецуела, Турција не нè остави сами“, рече Истурис, додавајќи дека се задоволни поради тоа што Турција е со народот на Венецуела.
Истакнувајќи дека народот на Венецуела ја чувствува Турција како братска земја, Истурис додаде: „Никогаш нема да ја заборавиме поддршката, и ние во оваа прилика им се заблагодаруваме“.
- „Империјалистичките земји се обидуваат да го загрозат нашиот мир“ -
Истурис, нагласувајќи дека неговата земја се соочува со проблеми како што се безбедноста и недостигот на храна, рече дека некои земји се обидуваат да го загрозат мирот на народот на Венецуела.
„Во нашата земја има криза, но претседателот Николас Мадуро и неговите поддржувачи се обидуваат да ја спречат кризата и на светот да му го покажат тоа што се случува во земјата. Некои европски земји, а особено Соединетите Американски Држави (САД), го презедоа имотот на Венецуела и спроведоа ембарго. Овие земји војуваат со Венецуела, а Владата работи да стави крај на тоа“, рече Истурис.
Тој нагласи дека Мадуро се потпира на поддршката на народот и дека ембаргото и обидот за државен удар досега не биле успешни бидејќи народот е на негова страна.
Венецуелскиот потпреседател, нагласувајќи дека опозициското движење во земјата не е „непријател“, рече: „Нашиот главен непријател е американскиот претседател, Доналд Трамп, и економската криза во земјата се должи на него. Трамп не треба да се меша во внатрешните работи на нашата земја и ако го отстрани ембаргото кон нашата земја, нема да имаме проблеми“.
Истурис истакна дека Мадуро може да оди на избори за да го обнови својот легитимитет, но дека тоа не е решение.
„Оваа криза започна пред Мадуро да стане претседател и главната причина за кризата во Венецуела е тоа што САД се вознемирени од големите резерви на нафта во нашата земја“, нагласи Истурис.
- „Армијата е со Мадуро“ -
Потенцирајќи дека венецуелската Војска го поддржува Мадуро, Истурис потсети дека поранешниот претседател, Уго Чавез, пред да почине побарал од Армијата да биде со Мадуро, и тие го ветиле тоа.
„Затоа што тој малку или повеќе можеше да предвиди што ќе се случи во иднина. Во моментов нема некои поделби во Армијата, венецуелската Армија е со Мадуро“, нагласи Истурис.