Tuğrul Çam,Ahmet Furkan Mercan
12 Декември 2019•Ажурирај: 13 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Израел никогаш нема да успее во намерата да го оствари својот сон за етничко чистење на палестинската територија и ставање на тоа подрачје во рамките на сопствениот расистички режим, јавува Агенција Анадолија (AA).
Чавушоглу престојува во Рабат, главниот град на Мароко, каде што присуствуваше на свеченоста по повод 50 години од основањето на Организацијата за исламска соработка (OIC).
Во обраќањето истакна дека Рабат е родно место на заедничката организација на исламскиот свет, и порача дека во периодот од половина век, со сите свои органи станал многу значаен и голем систем.
Тој исто така изјави дека ОИС тргнала на пат со 27 земји, и дека денес вбројува 57 земји членки. Според неговите зборови, ОИС денес е надеж за 1,8 милијарда муслимани во светот.
Тој додаде дека ОИС никогаш не се откажала од својата историска мисија, во контекст на палестинското прашање, а тоа е независна палестинска држава во границите од 1967 година, со главниот град Ерусалим (Кудс).
„Меѓутоа, окупацијата на палестинската триторија се продолжува, вклучувајќи го Ерусалим. Единството на муслиманите е единствена надеж за постигнување на правата на палестинскиот народ. Можеби имаме различни погледи во многу прашања. Но не би смееле да дозволиме нашите билатерални несогласувања да ја нарушуваат нашата борба. Нашите палестински браќа исто така мора да ги решат своите разлики и да постигнат компромис“, порача Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија истакна дека ги забележуваат обидите за кршење на меѓународното право во Ерусалим, Западниот Брег и Јорданската Долина, и дека таквите обиди можат да се спречат со дводржавно решение.
„Израел никогаш нема да успее во намерата да го оствари својот сон за етничко чистење на палестинските територии и ставање на тоа подрачје во рамките на сопствениот расистички режим“, заклучи Чавушоглу.