Efe Özkan
10 Октомври 2025•Ажурирај: 10 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - И покрај објавата за прекин на огнот, израелските сили продолжија да ги бомбардираат Кан Јунис и Газа рано утрово, јавува Анадолу.
Неколку артилериски гранати го погодија подрачјето на Ал-Катиба во центарот на Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, а над градот беа забележани дронови, според државната палестинска новинска агенција Вафа.
Источниот дел од градот Газа, исто така, беше подложен на артилериско гранатирање и хеликоптерски оган.
Израелската Влада го одобри договорот за прекин на војната во Газа и размена на затвореници со палестинските фракции, соопштено е рано утрово од Кабинетот на израелскиот премиер.
Прекинот на огнот стапува на сила веднаш по одобрувањето од страна на Израел, според израелските медиуми.
На 29 септември Трамп претстави план за прекин на огнот во Газа од 20 точки, кој вклучува ослободување на сите израелски заробеници во замена за околу 2.000 палестински затвореници, траен прекин на огнот и постепено повлекување на израелските сили од целиот Појас Газа.
Втората фаза од планот предвидува воспоставување нов управувачки механизам во Газа без учество на палестинската група Хамас, формирање безбедносни сили составени од Палестинци и војници од арапските и исламските земји и разоружување на Хамас. Исто така, предвидува арапско и исламско финансирање за новата администрација и обнова на Појасот, со ограничено учество од Палестинската управа.
Арапските и муслиманските земји во голема мера го поздравија планот, но некои официјални претставници рекоа дека за многу детали треба да се дискутира и да се преговара за целосно спроведување.
Од октомври 2023 година во израелските напади убиени се речиси 67.200 Палестинци во енклавата, повеќето од нив жени и деца.