Burç Eruygur
29 Септември 2026•Ажурирано: 29 Септември 2026
Русија денес го повика Иран да остане „одговорна страна“ во Договорот за неширење на нуклеарното оружје, по изјавите од Техеран дека земјата сака да се повлече од овој нуклеарен договор, јавува Анадолу.
Обраќајќи им се на новинарите за време на брифингот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва слушнала изјави за можноста за повлекување на Техеран од договорот од страна на Али Никзад, заменик-претседател на иранскиот Парламент, и дека тие изјави бараат дополнително појаснување.
„Не би сакале Иран да се повлече од договорот. Ние го сметаме за камен-темелник на режимот за неширење на нуклеарното оружје. И се надеваме дека Иран ќе остане важна и одговорна страна во овој договор“, рече Песков.
Коментарите на портпаролот доаѓаат откако иранските медиуми, вклучително и државниот сервис ИРИБ, вчера објавија дека Никзад изјавил оти Парламентот на земјата ќе разгледа предлог со „тројна итност“ за повлекување од Договорот за неширење на нуклеарното оружје.
Според објавеното, Никзад изјавил дека Техеран нема доверба во Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), како и во нејзиниот челник Рафаел Гроси бидејќи тој спроведувал „само површни инспекции и поднесува негативни извештаи за Иран“.
Понатаму се наведува дека предлогот моментно е на разгледување и за него ќе се расправа истиот ден кога формално ќе биде поднесен, при што се додава дека Парламентот ќе ги испита и меѓународните последици од овој потег.