Recep Şakar
13 Април 2017•Ажурирај: 13 Април 2017
МЕЛБУРН (АА) - Метеоролошкиот центар на Нов Зеланд (Метсервис) соопшти дека земјата којашто е зафатена од тропскиот циклон Кук, се соочува со најлошите временски услови во последните 50 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Метсервис апелираше до граѓаните на Нов Зеланд, кој во некои делови е погоден од поплави предизвикани од поројните дождови, а од денес е зафатен и од циклонот Кук, сериозно да ги земат предвид лошите временски услови.
Метеорологот Лиса Муреј од Метсервис објави дека во следните 48 часа се очекуваат најлошите временски услови во последните 50 години, и апелираше дека граѓаните треба да бидат подготвени за затворање на патиштата поради поплавите, како и за прекин на електричната енергија. Муреј ги советуваше граѓаните на Нов Зеланд да ги следат настаните на интернет-страницата на Метсервис.
- Предупредување од Министерството за цивилна заштита и управување со вонредни состојби -
Министерството за цивилна заштита и управување со вонредни состојби апелираше до граѓаните да подготват торба што ќе содржи сѐ што е потребно за време на вонредни состојби.
Во објавите на социјалната мрежа на министерството се бара од граѓаните да ги земат предвид предупредувањата на тимовите за итна помош.
Одбранбените сили на Нов Зеланд соопштија дека се подготвени да обезбедат итна помош во регионите што ќе бидат погодени од циклонот, со 500 припадници на персоналот, авиони и камиони за помош.
Според соопштението, во регионот на заливот Пленти, на Северниот Остров, кој минатата недела беше погоден од ураганот Деби, како и од поројни дождови, за еден час наврнало 50 милиметри дожд, а овие дождови ќе бидат засилени со циклонот Кук, кој од север доаѓа кон копното со брзина од 150 километри на час.