Aida Cako
27 Октомври 2025•Ажурирај: 28 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) – Пропалестински активисти се собраа вчера во близина на метростаницата „Тумштрасе“ во Берлин за да им изразат поддршка на политичките затвореници и да протестираат против израелскиот производител на оружје „Елбит системс“, јавува Анадолу.
Демонстрациите беа организирани во знак на поддршка за таканаречената група „Улм 5“ – петмина активисти што беа приведени под обвинение дека нелегално влегле и предизвикале штета во фабриката во градот Улм.
Протестот продолжи со марш и слогани за солидарност со палестинскиот народ, а полицијата приведе дел од демонстрантите.
Во септември, група пропалестински активисти, според наводите, влегле во канцелариите на „Елбит системс“ во Улм, со цел да го привлечат вниманието на јавноста кон, како што наведоа, „геноцидот врз Палестинците во Газа“.
Компанијата „Елбит системс“, најголем израелски воен производител, има неколку канцеларии и производствени погони во Германија. Таа е специјализирана за комуникациски системи, технологии за извидување, беспилотни летала и копнени возила, а блиско соработува со германската одбранбена индустрија.
Според палестински извори, Израел уби повеќе од 68.000 лица и повреди над 170.000 во нападите врз Газа што започнаа во октомври 2023 година.
Првата фаза од договорот за прекин на огнот стапи на сила на 10 октомври годинава, според планот од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп.
Овој план предвидува ослободување на израелски заложници во замена за палестински затвореници, како и обнова на Газа и создавање нов механизам за управување без учество на Хамас.