БРИСЕЛ
Шерифе ЧЕТИН
Постојаниот претставник на Турција во НАТО, амбасадорот Басат Озтурк, истакна: „С-400 не е проблем на НАТО, тоа е билатерален проблем, вклучувањето на проблемот во НАТО од страна на САД и нарушувањето на кохерентноста на Алијансата би било грешка“.
Озтурк, во седиштето на НАТО, за дописникот на АА ги оцени прашањата како што се купувањето на „С-400“ од страна на Турција, односите помеѓу САД и Турција, ситуацијата во Источниот Медитеран и состанокот на министрите за одбрана на НАТО.
Нагласувајќи дека главната карактеристика на НАТО е неговата способност да се прилагоди на моменталните безбедносни услови од нејзиното воспоставување, Озтурк рече дека Алијансата на тој начин останала на нозе и ќе продолжи да опстојува сè додека ја одржува таа карактеристика.
Озтурк истакна дека евроатлантската безбедносна и одбранбена средина многу се променила поради незаконската анексија на Крим од страна на Русија, тековната криза и конфликтот во Сирија, проблемите во Либија и регионот на Заливот и многу други проблеми на глобално ниво, особено од 2014 година до денес.
- „Турција е акционер во НАТО“
Озтурк нагласи дека светот минува низ период во којшто пробите (тестовите) сè повеќе се шират и квалитативно стануваат сложени како никогаш порано.
„Во таков свет, земјите пред сè мора прво да го засилат својот отпор и својата моќ. Понатаму, важни се и пријателствата и блиските односи во Сојузот. Во овој контекст, Турција гледа на НАТО како на организација со голем углед и има корист од таа организација“, истакна Озтурк.
Озтурк, нагласувајќи дека Турција е „полноправна членка“ во НАТО, рече дека не постои друга организација каде што имаат такви права и извршни можности:
„Турција е акционер во НАТО. Што и да се направи во НАТО, треба да се дојде до консензус на сите сојузници. Всушност, и ние сме плаќале за приклучувањето во НАТО, дадовме различни придонеси, но истовремено имаме и земено. НАТО, како инвестиции за безбедноста, во Турција има вложено повеќе од 5 милијарди долари. Треба да видиме дека имаме придобивка од НАТО како најважната политичко-воена организација на западниот сојуз“.
- „НАТО обезбедува поддршка за безбедноста на Турција“
Амбасадорот Озтурк го истакна фактот дека првенствена обврска на сојузничките земји е да ја обезбедат својата внатрешна безбедност, а тоа е под нивна одговорност и сувереност.
Според него, НАТО може да стори повеќе против сите закани надвор од територијата на земјите, вклучувајќи го и тероризмот.
Од друга страна, Озтурк истакна: „НАТО, со безбедносните мерки приспособени за Турција и со зајакнување на нашата воздушна одбрана, обезбедува поддршка за безбедноста на нашата земја“.
„Во овој контекст, се реализираат патролни летови со авионите за рано предупредување и надзор (AWACS)“, рече Озтурк, додавајќи дека поради безбедносните проблеми кои произлегуваат од територијата на Сирија, во Турција се распоредени системи за ракетна одбрана и на тој начин е зајакната воздушната одбрана на Турција.
Озтурк, исто така, нагласи дека сојузниците со системот за ротација од 2013 година непрекинато го дополнуваат системот за воздушна и ракетна одбрана на Турција. Тој, додаде дека во Турција сè уште има системи „Патриот“ од Италија и Шпанија.
- „С-400 не е прашање на НАТО“
Озтурк, во однос на одлуката на Турција да купи системи за воздушна одбрана „С-400“ од Русија, потсети на изјавата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во која тој истакна дека сојузниците се слободни да го купат системот што го сакаат, но притоа важно е вооружените сили да можат заедно да соработуваат.
„Прашањето за „С-400“ од некои кругови на САД е извадено од контекст и е трансформирано во поголем билатерален проблем. Во овој контекст САД имаат голема одговорност“, рече амбасадорот Озтурк.
Озтурк истакна дека САД во последниот период, додавајќи нова димензија на проблемот, го политизираат, и потсети дека „С-400“ го поврзуваат со купувањето на борбените авиони „Ф-35“.
Амбасадорот Озтурк, исто така, потсетувајќи дека Турција е вклучена во програмата за „Ф-35“ од самиот почеток, рече дека имаат значителни инвестиции и дека произведуваат многу делови за „Ф-35“.
- „Солидарноста на НАТО бара од двата сојузници да не го користат јазикот на санкции“
Озтурк, истакнувајќи дека Турција природно избегнува ситуации со коишто ќе се влијае на стабилноста и ќе се создаде некаква слабост на борбените авиони „Ф-35“, кои и самата ги користи, рече дека Турција во тие рамки предложила основање на заедничка група.
Тој, исто така, нагласи дека САД не сакале да се основа работна група во НАТО, туку преферирале билатерална работна група, но и тоа сè уште не е имплементирано.
„НАТО може да дејствува како платформа за решавање на проблемите во билатералните односи, ако сојузниците сакаат“, рече Озтурк и додаде: „ Солидарноста на НАТО бара од двата сојузници еден кон друг да пристапат со разбирање, а не еден кон друг да користат закани, уцени и санкции. Ако има некој сојузник што делува така, прави грешки“.
„С-400 не е проблем на НАТО, тоа е билатерален проблем, вклучувањето на проблемот во НАТО од страна на САД и нарушувањето на кохерентноста на Алијансата би било грешка“, нагласи Озтурк.
- „САД мора да дејствуваат во согласност со духот на сојузник“
„Ниту генералниот секретар на НАТО ниту некој сојузник не би сакал средина во која еден член наметнува санкции на друг член, и средина каде што се влошени односите меѓу сојузниците. Тука примарната одговорност е на САД. Се очекува САД да делуваат во согласност со духот на Сојузот, во хармонија со заедничките вредности на НАТО“, нагласи Озтурк.
Од друга страна, Озтурк, укажувајќи дека со години наназад меѓу сојузниците САД и Турција има пријателство, истакна:
„Турција и САД имаат многу големи заеднички интереси, двата сојузници не може да се игнорираат едни со други. Турција не е само земја со втора по големина армија во НАТО. Во исто време има значителен придонес во мисиите, операциите и активностите на Алијансата и продолжува да го дава својот придонес. Турција не е корисник на безбедноста. Туку сојузник кој обезбедува безбедност“.
- „Пренесувањето на проблемот од Источниот Медитеран во НАТО“
Озтурк истакна дека Турција и Турската Република Северен Кипар (ТРСК) во Источен Медитеран спроведуваат активности засновани врз легитимните права и интереси, кои произлегуваат од меѓународното право.
„Бидејќи Турција е членка на НАТО, таа не смее да биде гледана на еден отровен начин по прашањето за Источен Медитеран“, изјави Озтурк и продолжи: „Да бевме членка на ЕУ, тогаш и тие немаше да заземат ваков став. ЕУ не може да заземе страна околу проблемите меѓу земјите членки на Унијата“.
- НАТО-состанок на министрите за одбрана
Озтурк рече дека НАТО-состанокот на министрите за одбрана претставува разгледување на проектите што се претходно започнати и ќе претставува подготовка за лидерскиот состанок, што треба во декември да се одржи во Лондон.
Озтурк потсети дека на 26 и 27 јуни во Брисел се одржува состанокот на кој на едно место ќе се соберат министрите за одбрана, и во тие рамки ќе се дискутира за судбината на Договорот за силите од среден опсег.
Озтурк истакна дека доколку Русија до 2 август не почне да го спроведува договорот, тогаш Договорот за силите од среден опсег ќе стане историја, што ќе предизвика дополнителни проблеми околу безбедноста и одбраната на Европа и можност за отворање пат за нова трка во вооружувањето.
Од друга страна, амбасадорот Озтурк истакна дека во рамките на состанокот, на дневен ред ќе бидат темите за структурата на Алијансата, за одвраќање и одбрана, споделување на товарот, последната состојба во Авганистан и револуционерните нови технологии.
По состанокот на министрите за одбрана во штабот на НАТО, Озтурк рече дека во штабот ќе се одржи и состанок на меѓународната коалиција за борба против ДЕАШ, и во тие рамки ќе бидат разгледани и последните состојби во Сирија и Ирак.
news_share_descriptionsubscription_contact


