Hakan Çopur
20 Септември 2016•Ажурирај: 20 Септември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на САД, Барак Обама, изјави дека верува оти ќе успее планот за ослободување на Мосул од терористичката организација ДАЕШ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Се надевам дека кон крајот од годинава ќе напреднеме многу повеќе по прашањето за Мосул“, рече тој.
Обама во Њујорк оствари билатерална средба со ирачкиот премиер Хајдар ал-Абади. По средбата беше одржана заедничка прес-конференција.
Тој изјави дека последен пат со ирачкиот премиер се сретнал пред една година, и истакна дека во изминатиот период може да се забележи голем напредок во борбата на ирачкиот народ и безбедносните сили против ДАЕШ. Претседателот на САД соопшти дека продолжува соработката во координацијата на Ирак со земјите-членки на коалицијата.
Обама рече дека со Абади зборувале околу операциите за ослободување на Мосул. „Се надевам дека кон крајот на годинава ќе напреднеме многу повеќе по прашањето за Мосул“, рече тој.
- „Сигурен сум дека ќе го ослободиме Мосул“ -
Обама е сигурен дека со заедничката операција против ДАЕШ, во која учествуваат коалициските сили предводени од САД, ирачките безбедносни единици и борците на Пешмерга, Мосул ќе биде ослободен.
Тој соопшти дека по ослободувањето на Мосул, САД се подготвува да го обнови градот и да се создадат безбедни услови за враќање на жителите во градот.
„Ќе обезбедиме храна, згрижување и итна хуманитарна помош за раселениот народ“, рече Обама.
- „Се надеваме дека за неколку месеци Мосул ќе го ослободиме од ДАЕШ“ -
Ирачкиот премиер Абади изјави дека ДАЕШ не е закана само за Ирак, туку тој е голема закана за целиот свет.
Абади зборуваше за операциите за ослободување на Мосул: „Пред две години се боревме за да го ослободиме Багдад, додека денеска веќе зборуваме за ослободување на нивното последно упориште, Мосул“.
Абади се надева дека Мосул ќе биде ослободен за неколку месеци.
Премиерот Абади соопшти дека е многу важна и значајна поддршката што ја даваат останатите земји-членки на коалицијата.
„По ова, потребно е да започнеме да го бараме одговорот на прашањето како да ги спречиме младите да му се придружуваат на ДАЕШ“.
За да му се придружат на ДАЕШ, на Средниот Исток имаат дојдено луѓе од најмалку 100 земји, меѓу кои има лица што припаѓаат на средната и високата класа, соопшти Абади.
„Соединувањето на земјата и народот“, изјави Абади, „е работа на Ирак“, и додаде дека во државата нема поделба на граѓани од прв и од втор ред, дека сите се еднакви граѓани на Ирак.
Обама е во Њујорк за да учествува на Генералното собрание на ОН, и се очекува да оствари голем број билатерални средби со претседателите и премиерите за земјите-учеснички на Собранието.