Tufan Aktaş,Adam Abu Bashal
15 Ноември 2017•Ажурирај: 16 Ноември 2017
ХАРАРЕ (АА) - Туфан Акташ / Адам Абу Басхал - Со воена интервенција изведена рано утринава во Зимбабве, претседателот Роберт Мугабе ја изгуби власта која траеше речиси 37 години.
Војската на Зимбабве претходно соопшти дека Мугабе и неговата сопруга се приведени и оти е започната акција за приведување на криминалците околу Мугабе.
Исто така, војската којашто тврди дека не извршила удар, на местото привремен претседател го постави Емерсон Мнангагва, кој пред две недели беше сменет од позицијата потпретседател на државата.

Локалните медиуми јавуваат дека се приведени и министерот за ви образование, Џонатан Мојо, министерот за локална управа Савиот Касукувере и министерот за финансии, Игнатиус Чомбо.
Од друга страна, владејачката партија на Зимбабве, Африканска народна унија на Зимбабве-Патриотски фронт на Зимбабве (ZANU-PF), над која војската презеде контрола, преку социјалните мрежи соопшти дека воената интервенција не е удар и оти станува збор за мирна транзиција без крвопролевање.
„Ни Зимбабве ниту владејачката партија не се во сопственост на Мугабе или на неговата сопруга“, се вели од страна на партијата.
Процесот што доведе до интервенција на војската започна пред две недели, по смената на Мнангагва од местото потпретседател на државата, кому потоа војската му даде поддршка.
Се претпоставува дека неговото отстранување е дел од чистките, со цел да му овозможи на Мугабе власта да ја предаде во рацете на својата сопруга Грејс (52).
Началникот на Генералштабот, Константино Чивенга, рече дека се подготвени да преземат чекори, доколку не се прекинат чистките на приврзаниците на Мнангагване. Партијата ЗАНУ-ПФ го обвини Чивенга за предавство на државата и дека нема да ја наведнат главата пред воениот притисок.
Мнангагва во последните неколку месеци беше обвинуван дека настојува да го собори Мугабе и да дојде на негово место. На местото потпретседател е избран во 2014 година, а од 1980 година е дел од кабинетот на Мугабе. Тој беше поставен наместо за Џојс Муџуру, која исто така беше обвинета дека се обидува да го собори Мугабе.
Роберт Мугабе е роден во 1924 година. Угледот го стекна со борбата на Африканската народна унија на Зимбабве против белците во 70-тите години на минатиот век, во тогашна Родезија. Откако неговата партија победи на изборите во март 1980 година, тој стана првиот премиер на земјата наречена Зимбабве, која некогаш беше британска колонија.
Периодот од 1982 до 1986 го обележа политичката криза меѓу Африката народна унија на Зимбабве и некогашниот коалиционен партнер на Мугабе, Јошуа Никомо, која прерасна во конфликт во којшто настрадаа околу 20.000 луѓе.
Мугабе во 1987 година е избран за претседател на Зимбабве, а до денес нема изгубено ниту едни избори.
Често беше критикуван поради лошата економија, обвинуван за корупција и кршење на човековите права.