Elena Teslova
24 Август 2026•Ажурирано: 24 Август 2026
Најмалку три деца загинаа, а уште седум се повредени откако остатоци од украинскo беспилотно летало, насочено кон магацин на компанијата за е-трговија „Озон“, паднале врз приватен детски центар во јужниот руски град Краснодар, соопштија денес руските власти, јавува Анадолу.
Гувернерот Венијамин Кондратјев на руската платформа за социјални медиуми Макс изјави дека дронот првично бил соборен од противвоздушната одбрана за време на голем напад во текот на ноќта.
Руската комесарка за правата на децата, Марија Лвова-Белова, го потврди бројот на загинатите.
„Страшна трагедија во Краснодарскиот Крај. Минатата ноќ, како резултат на масовен украински напад, според прелиминарните информации, загинаа тројца тинејџери на возраст од 13, 15 и 16 години“, наведе таа во објавата на Макс.
Ноќните напади, исто така, биле насочени кон неколку логистички објекти на „Озон“ низ Јужна Русија.
Од „Озон“ соопштија дека нивните објекти во Адигејск во регионот Адигеја, Махачкала во Дагестан и Невиноминск во Ставрополскиот Крај биле цел на напади со беспилотни летала.
Вработените биле евакуирани од објектите во Адигејск и Невиноминск поради заканата од дополнителни напади.
„Озон“, исто така, потврди дека бил нападнат неговиот логистички центар во Краснодар. Претходно компанијата соопшти дека избувнал пожар во објектот.
Одделен логистички центар на „Озон“ во округот Тахтамукајски во Адигеја, исто така, се запалил по напад со беспилотно летало, според руските власти.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта извршило напади врз украинска пристанишна инфраструктура и пловни објекти што се користат за испорака на снабдување за украинската војска.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападите го погодиле пристаништето Пивденни во украинскиот регион Одеса, вклучително и танкер што превезувал гориво наменето за украинските сили, пет резервоари за складирање гориво, 10 складишни објекти во кои имало опрема поврзана со воената индустрија и пристанишна инфраструктура што се користи за истовар и складирање воен товар.
Русија, исто така, соопшти дека ја погодила трафостаницата Аџалик-330, на околу 28 километри северозападно од Одеса, која, како што тврди, испорачува електрична енергија за пристаништето Пивденни.
Тврдењата во врска со целите и штетата во украинското пристаниште не може независно да бидат потврдени.