Mehmet Tosun,Adam Abu-bashal
21 Октомври 2021•Ажурирај: 22 Октомври 2021
АБУЏА (АА) - Со отворањето на Турскиот културен центар „Јунус Емре“ во нигерискиот главен град Абуџа, вратите на анадолската мудрост ќе се отворат за Нигеријците, изјави првата дама на Турција, Емине Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
Првата дама на Турција присуствуваше на церемонијата на инаугурација на центарот во Абуџа, каде што, исто така, ја претстави својата книга „Моите патувања во Африка“.
Во својот говор, Емине Ердоган рече дека е среќна што повторно е во посета на Нигерија по пет години.
„Со овој центар, ние ќе ги отвориме вратите на анадолската мудрост за нашите нигериски браќа. Ќе имате можност поблиску да ја запознаете турската култура, а исто така, ќе можете да го научите и турскиот јазик, доколку сакате“, рече таа.
Истакнувајќи дека вкупно 62 културни центри „Јунус Емре“ се основани во 52 земји, таа рече дека литературата, културата и уметноста се најубавите алатки кои ги зајакнуваат врските меѓу земјите.
„Ние ја сметаме Африка како ѕвезда во подем на 21 век. Ние сме солидарни со целиот африкански континент за да стигне до местото што го заслужува“, рече таа, нагласувајќи дека зголемувањето на бројот на турските амбасади во Африка е сигнал за продлабочување на односите.
Истакнувајќи дека врските на Турција со Африка не се базираат само на донации или грантови, таа рече дека развојот на континентот е важен.
„Ќе продолжиме да придонесуваме за мир, стабилност, просперитет и развој на континентот, како што правевме досега. Посакувам успех и среќа на африканските простори секогаш“, рече таа.
Книгата, посветена на нејзината мајка, ги опфаќа посетите на првата дама во периодот 2014 - 2020 година на 23 африкански земји, вклучувајќи ги Алжир, Етиопија, Сомалија, Танзанија, Мозамбик и Сенегал.
Сереф Атеш, директор на Институтот „Јунус Емре“, рече дека е задоволен што отвора нов центар кој ќе биде амбасадор на турската култура на сите страни на светот.
„Како институт, нашата цел е да воспоставиме реална перцепција за Турција... и да го зголемиме признанието, свеста и престижот на Турција“, додаде тој.