ХАГ (AA)
- Селман АКСУНГЕР
Гасан Абу Сите, британски хирург со палестинско потекло, кој на 9 октомври отиде во Газа преку организацијата „Лекари без граници“ (MSF) и 40 дена се трудеше да спаси човечки животи додека надвор паѓаа израелски бомби и гранати, рече дека целејќи ги особено болниците, Израел има за цел да ја направи Газа место непогодно за живеење, јавува Анадолу.
Абу Сите, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија, кој по започнувањето на израелските напади на 9 октомври со „Лекари без граници“ пристигна во Газа преку Египет и остана до 18 ноември, давајќи сѐ од себе за да му служи на народот на Газа и покрај медицинските неможности во болницата „Шифа“ и баптистичката болница „Ал-Ахли“, рече дека Израел сака да ја лиши Газа од здравствените услуги.
Абу Сите, кој дојде во Холандија за да ги следи судските процеси во Меѓународниот кривичен суд (МКС) и Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг, на новинарот на АА му зборуваше за состојбата на болниците во Газа, медицинските тешкотии со кои таму се соочуваат и приказната за необјавеното интервју што камерманот на АА, Монтасер ал-Саваф, го направи со него само неколку дена пред да биде убиен во едно од израелските бомбардирања.
- Целта на Израел во Газа
Гледајќи ја фотографијата на корицата од книгата „Доказ“ што ја објави АА, направена ноќта додека давл изјава за медиумите меѓу телата на децата загинати во израелското бомбардирање на баптистичката болница „Ал-Ахли“, Абу Сите рече: „Оваа фотографија е направена ноќта кога беше извршен масакрот во баптистичката болница ‘Ал-Ахли’. Бев во просторијата каде што беше направена фотографијата со еден од повредените. Имаше многу семејства кои беа засолнети во болницата. Околу 18 часот подрачјето каде беа засолнети овие семејства го погоди проектил, убивајќи приближно 480 луѓе.“
Абу Сите изјави дека веднаш по масакрот се обиделе да ги спасат повредените во болницата, а потоа ги префрлиле во болницата „Шифа“.
Објаснувајќи дека израелските политичари и воени лидери многу јасно покажуваат дека сакаат да ја направат Газа непогодна за живеење, Абу Сите рече: „Тие сакаат да ја исчистат Газа од нејзиното население. Еден од најефикасните начини да се направи некое место непогодно за живеење е да се уништи здравствениот систем, како што го прават тоа Израелците во Појасот Газа.“
- „Најитните операции ги правевме, а секундарните ги остававме“
Хирургот Абу Сите рече дека недостасуваат многу медицински материјали во Газа од почетокот на војната.
„На крајот ни снема морфиум и материјалите за анестезија што ги користиме за да ја намалиме болката при операциите“, рече Абу Сите.
„За жал, бидејќи не можевме да внесеме многу пациенти во операционата сала толку често колку што требаше, многу од раните се инфицираа, а единствениот начин да се спречи овие рани да се заразат и да бидат смртоносни за пациентот беше да извршиме многу болни процедури за нивно чистење без анестезија.
Бидејќи секој ден пристигнуваа многу голем број ранети, беше многу тешко исто лице повторно да се земе во операционата сала, особено лицата на кои им беа потребни повеќе од една операција. Тоа беше затоа што оперативниот капацитет беше многу ограничен во споредба со бројот на пациенти што требаше да бидат оперирани. Бидејќи сакавме да направиме што е можно повеќе операции, ги правевме најитните операции, а ги остававме секундарните.“
Објаснувајќи дека условите за работа станале многу тешки поради бомбардирањето и евакуацијата на болниците, Абу Сите рече: „Повредените беа префрлувани од една во друга болница. И јас одев од една во друга болница и поради тоа го губевме следењето на пациентите.“
- Не се објави репортажата што ја направи убиениот снимател на АА
Наведувајќи дека бил интервјуиран од камерманот на АА, Монтасер ал-Саваф, непосредно пред да биде убиен во израелскиот воздушен напад додека бил на должност во Газа, Абу Сите рече дека ова интервју никогаш не било објавено.
Абу Сите истакна дека интервјуто се однесувало на условите во болницата и дека Ал-Саваф подоцна ги снимал ранетите во болницата.
Раскажувајќи дека Ал-Саваф по нападот на израелските сили врз баптистичката болница „Ал-Ахли“ ја снимал состојбата на повредените и настанатото уништување и покрај заканата од нови напади, Абу Сите продолжи со зборовите: „Тој беше многу, многу храбар млад човек. Откако беше урната болницата ‘Шифа’ и баптистичката болница „Ал-Ахли“ стана единствената болница што работи во Газа, се обидувавме да се справиме со лекувањето на 500 повредени луѓе, и неколку дена бевме отсечени од надворешниот живот. Ал-Саваф дојде кај нас и се сретна со мене и еден колега хирург. Бев изненаден колку беше храбар.“
Велејќи дека е многу тешко да се прими веста дека се убиени луѓето со кои се сретнал и со кои соработувал во Газа, Абу Сите рече:
„За жал, откако ја напуштив Газа, слушнав дека една моја колешка, која беше медицинска сестра во Одделението за изгореници во болницата 'Шифа', била убиена заедно со нејзиниот брат. Неколку дена подоцна дознав дека се убиени и директорот на Одделот за итни случаи на болницата ‘Шифа’, д-р Хајсам Абу Хани, заедно со сопругата и децата. На секои три дена слушавме дека наши колеги се ранети или убиени од Израелците. Во текот на оваа војна, 300 лекари и медицински сестри се убиени од страна на Израелците.“
- „Правев од 10 до 12 операции дневно“
Опишувајќи го својот просечен ден во Газа, Абу Сите рече: „Како родител, беше исклучително тешко психолошки да се грижам за сите овие повредени деца. Правев од 10 до 12 операции дневно и завршував во 1:00 ноќе.“
Истакнувајќи дека решиле да ја напуштат Газа откако се потрошиле резервите за анестезија во болницата „Ал-Ахли“, Абу Сите рече: „Да зависеше од мене, немаше да заминам. Чувствувате одговорност кон вашите колеги и пациенти, не сакајќи да ги оставите зад себе.“
Абу Сите рече дека неговото време минато во Газа било искуство што му го сменило животот и додаде: „По преживеаното потребно е време да се разбере што сѐ се случи, да се ослободиме од негативните аспекти на ова искуство и да се обидете да се обновите себеси, за да се откриете кои сте.“
Абу Сите додаде дека наскоро ќе замине за Туркије за да ја прими наградата „ТРТ Светски граѓанин“ (TRT World Citizen), што му ја додели турската национална телевизија ТРТ.