ИСТАНБУЛ (АА) - Вулканските ерупции низ светот, меѓу кои и оние близу населени места во четири земји во светот, во кои имаше и загинати и беше предизвикана сериозни материјална штета, беа меѓу најкатастрофалните природни катастрофи во 2021 година, пишува Агенција Анадолија (АА).
Низа природни катастрофи го погодија светот, меѓу кои се и обилните врнежи и поплави во Шпанија и Пакистан, смртоносниот ураган во Соединетите Американски Држави (САД), вулканските ерупции во Италија, Шпанија, Гватемала, Индонезија, тропските бури во Тајланд и лизгањето на земјиштето во Непал.
Според податоците на Институтот „Смитсонијан“, во текот на 2021 година имало 70 потврдени ерупции од 69 различни вулкани, а 22 од нив биле нови ерупции што започнале во текот на годината.
Дроновите и камерите на дескот за видеовести на Агенција Анадолија снимија 4 големи вулкани, вулканот Етна во Италија, вулканот Pacaya во Гватемала, вулканот Ла Палма во Шпанија и Семеру во Индонезија.
- Вулканот Етна во Италија -
Првите вести за вулканска активност во 2021 година дојдоа од вулканот Етна, познатиот вулкан на источниот брег на Сицилија, јужна Италија.
На 16 февруари, вулканот Етна еруптираше, исфрлајќи лава и огромен облак на пепел.
Вулканската активност, што беше забележана за прв пат по јануари, на 3.326 метри високата Етна на 16 февруари резултираше со интензивно исфрлање лава. Течението на лавата беше набљудувано од и околу градот Катанија.
Поради ерупцијата на овој вулкан, се појави дожд од пепел врз околните села Ѕаферана, Флери и Ачиреале. Исто така беа забележани и вулкански земјотреси од мали размери во регионот.
- Вулканот Pacaya во Гватемала -
Втората вулканска ерупција оваа година се случи во Гватемала. Силната ерупција како резултат на повторното активирање на вулканот Pacaya во градот Сан Висенте Пакаја ги загрижи селаните што живеат околу вулканот.
По 70 години неактивност, тој започна силно да еруптира во 1961 година и оттогаш еруптира често. Гватемала има 30 вулкани, од кои уште два активни.
Pacaya е еден од многуте вулкани во регионот што исфрла жар, густ пепел и гасови што достигнуваат висина од 5.500 метри надморска височина.
- Вулканот на Ла Палма во Шпанија -
Вулканот Ла Кумбре во Ла Палма, Шпанија, започна со исфрлање лава на 19 септември и сè уште е активен. Досега има исфрлено 94 милиони кубни метри лава, што може да наполни 28.000 олимписки базени.
Досега, ова е најдолгата вулканска ерупција што островот ја видел од 1712 година и има предизвикано повеќе штета од која било друга ерупција.
Околу 7.000 од 83.000 илјади жители на островот мораа да бидат евакуирани од нивните домови.
Додека 555 луѓе и понатаму живеат во хотелите на островот Ла Палма, повеќето од евакуираните жители престојуваат во домовите на нивните роднини.
Многумина од нив засекогаш ги загубија своите домови и населби, голем број кужи се прекриени со дебели слоеви сив пепел што мора да биде отстранет од покривите за да се спречи нивното уривање.
Уништени се ајмалку 2.881 објект, додека лавата проголта повеќе од 1.182 хектари земја, според податоците од сателитот „Коперник“.
Под ридовите црна лава што тлее закопани се плантажи со банани, автопати, домови, училишта, цркви, хотели и обработливо земјиште.
Површината на самиот остров се зголеми поради ерупцијата. Со стврднувањето на лавата при слевањето во морето се создадоа околу 48 хектари (76 фудбалски игралишта) ново земјиште, иако и понатаму е премногу топло за да се користи во блиска иднина.
Последната вулканска ерупција во Шпанија беше во 1971 година на вулканот Тенегија, јужно од островот Ла Палма.
- Вулканот Семеру во Индонезија -
На почетокот на декември, вулканот Семеру во индонезиска провинција Источна Јава започна да исфрла огромни облаци од пепел во небото, предизвикувајќи смрт на 40 луѓе. Вулканот Семеру, што беше активен во претходните години, овој пат еруптираше со сета своја сила и ги фати неподготвени поголемиот дел од жителите на околното подрачје.
Семеру, кој се наоѓа на надморска височина од 3.676 метри во регионот Лумаџанг, ги покри околните населби со густ пепел и чад.
Повеќе од 4.200 луѓе беа евакуирани од областа по ерупцијата, многумина со изгореници и други повреди.
Индонезија има популација од околу 275 милиони луѓе, и е сместена во пацифичкиот „Огнен прстен“, што ја прави подложна на честа вулканска активност и земјотреси.