Zehra Ulucak
29 Декември 2017•Ажурирај: 30 Декември 2017
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Најголемата американска компјутерска компанија Apple упати извинување до своите корисници поради успорувањето на работата на постарите модели на iPhone, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Apple претходно овој месец признаа дека целта на успорувањето на процесорот е продолжувањето на животниот век на батеријата. Наведоа дека корисниците на моделите iPhone 6, iPhone 6s и iPhone SE имаат успорена работа на уредот, но затоа батеријата им трае подолго.
Во извинувањето до своите корисници се наведува дека не направиле ништо намерно, ниту во иднина ќе направат нешто намерно, со цел да го скратат животниот век на било кој Apple производ. Се истакнува дека цените на батериите ќе се намалат од 79 на 29 долари.
Apple во период меѓу јули и септември оваа година, во однос на истиот период минатата година, ја зголеми заработката за 12,2 отсто, а изнесуваше 52,58 милијарди долари. Од компанијата наведуваат дека 62 отсто од вкупната заработка е остварена од продажба на Apple производите во странство.