Halil Silahşör,Bilal Güler
27 Ноември 2020•Ажурирај: 28 Ноември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Авганистан е земја која е најпогодена од терористички напади во светот во 2019 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Институтот за економија и мир (IEP), со седиште во Австралија, го објави „Глобалниот индекс на тероризмот 2020 година“.
Во извештајот земени се предвид терористичките инциденти што се случија во 163 земји во текот на целата година.
Соодветно на тоа, Авганистан се најде на врвот меѓу земјите најпогодени од тероризмот во 2019 година. Авганистан, исто така, и во 2018 година беше најпогодена земја од тероризмот.
Минатата година во светот вкупно 13.826 лица го загубија животот во терористички напади. Четириесет и еден процент од загинатите, односно 5.725 лица животот го загубија во терористичките напади во Авганистан.
Во нападите во Авганистан се повредени 6.221 лице.
Според извештајот, 7 од 20 најсмртоносни терористички напади во 2019 година се случиле во Авганистан. Пет од овие напади, во кои животот го загубија 493 лица, се извршени од страна на талибанците, а 2 од терористичката организација ДЕАШ.
- Талибанците извршија 508 напади против авганистанските безбедносни сили -
Во извештајот талибанската организација се опишува како „најсмртоносна терористичка организација во светот“.
Минатата година, според статистичките податоци, 87 проценти (4.990 лица) загинале во терористичките напади извршени од талибанците.
Талибанците ги нападнаа авганистанските безбедносни сили 508 пати во 2019 година. Во овие напади загинаа повеќе од 2.900 луѓе.
ДЕАШ, која е највлијателната терористичка организација во земјата по талибанците, минатата година изврши 55 напади, во кои животот го изгубија 320 лица.
Во извештајот се забележува дека сѐ уште не се знае дали мировните преговори во Авганистан ќе имаат значително влијание врз терористичките активности и дека поради терористичките напади бруто-домашниот производ на земјата има загуби од 16,7 проценти.
Според индексот, првите 10 најпогодени земји од тероризмот низ светот се Авганистан, Ирак, Нигерија, Сирија, Сомалија, Јемен, Пакистан, Индија, Демократска Република Конго и Филипини.
Турција е на 18. место во светот, САД на 29., додека Велика Британија се наоѓа на 30. место.
На европскиот континент, најпогодена земја од терористички напади е Турција.