Zehra Ulucak
31 Јануари 2020•Ажурирај: 01 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Властите на Австралија во подрачјето на Територијата на главниот град (ACT) прогласија вонредна состојба поради пожарите што веќе неколку месеци беснеат во таа земја и кои предизвикаа катастрофа од огромни размери, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Автономниот регион ACT, кој се состои од главниот австралиски град Канбера и неговата периферија, соочен е со една од најголемите закани од пожар, поради што властите прогласија вонредна состојба и го повикаа населението на подготвеност за можна евакуација.
„Премиерот на ACT, Ендрју Бар, изјави дека борбата против заканата од шумски пожари во моментот е приоритет број еден во тој регион“, јавува „Би-би-си“.
Дневните температури во тој дел на Австралија достигнуваат и до 41 степен Целзиусов, а појавата на ветрови додатно ја зголемува заканата од ширење на огнениот пламен.
Пожарот од пред четири дена го зафати подрачјето на Националниот парк „Намадги“ и брзо се шири на јужната периферија на Канбера.
Тоа е прва вонредна состојба во ACT уште од 2003 година, а и тогаш причината беше големиот шумски пожар.
Големите пожари во Австралија започнаа во септември 2019 година и во нив животот го загубија најмалку 33 лица. Опожарени се повеќе од 11 милиони хектари површина, а најтешко погодена е австралиската држава Нов Јужен Велс.