Elena Teslova
12 Април 2022•Ажурирај: 12 Април 2022
МОСКВА (АА) - Австрискиот канцелар Карл Нехамер ги нарече неговите разговори со рускиот претседател Владимир Путин во Москва „отворени“ и „тешки“ и дека создаваат малку оптимизам, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на брифингот за новинари во Москва по средбата, Нехамер рече дека посетата не е „пријателска“ и дека неговата порака до Путин е дека војната во Украина мора да заврши бидејќи нема победници.
„Јас јасно му кажав на претседателот Путин дека санкциите против Русија ќе останат и ќе бидат заострени сè додека луѓето во Украина умираат“, рече тој.
Потоа изрази поддршка за руско-украинските мировни разговори во Истанбул на крајот од минатиот месец, велејќи дека тоа е единствената платформа каде Москва и Украина директно комуницирале меѓу себе.
„Беше важно да се разбере дека рускиот претседател сè уште има доверба во преговорите во Истанбул. Верувам дека овој процес треба дополнително да се поддржи. Ова е единствениот формат во кој може да се постигне напредок во мировните преговори, но тие сега се запрени“, изјави тој.
Нехамер додаде дека го информирал Путин дека претседателот на Украина Владимир Зеленски би сакал да се сретне со него, но рече дека не добил „никаква значајна реакција“.
Австрискиот канцелар истакна дека генерално нема причини за оптимизам, но дека е важно на Путин да му се покаже визијата на ЕУ за војната во Украина. „Важно е да имаме личен контакт, лично да му кажеме на претседателот за реалноста на војната што се случува сега, и како на тоа гледа Европската Унија. Треба да продолжиме по овој пат“, рече тој.
Според Нехамер, оценката на Путин за настаните во Украина е дијаметрално спротивна од ставовите на лидерите на ЕУ.
„Генерално, немам оптимистички впечаток што можам да го споделам со вас од разговорот со претседателот Путин“, рече тој.
„За мене беше важно, гледајќи во неговите очи, да укажам на ужасите на војната, страдањата што ги видов, воените злосторства во Буча и другите населени места во Украина“, додаде тој, осврнувајќи се на цивилните жртви во близина на главниот град Киев кои наидоа на силна меѓународна реакција, додека Москва ги нарече сцените „исценирани“.
„Имаше тешка конфронтација меѓу нас на оваа тема, бидејќи претседателот го смета за пристрасен односот на меѓународната заедница (кон Русија). Руската страна ги нарекува настаните во Украина „(специјална) воена операција“, а ЕУ – војна“, истакна тој.
Во посебна изјава, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека разговорот меѓу Путин и Нехамер не бил долг и дека нема детали да ги сподели со медиумите.
Нехамер е првиот европски лидер кој ја посети Москва од почетокот на руско-украинската војна.
Најмалку 1.842 цивили загинале, а 2.493 се повредени во Украина откако Русија ѝ објави војна на 24 февруари, според проценките на ОН, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, над 4,5 милиони Украинци побегнале во други земји, а милиони се внатрешно раселени.