Ekipa
12 Април 2022•Ажурирај: 13 Април 2022
ПАРИЗ (АА) - Тим од француски експерти за истражување злосторства пристигна во Украина за да истражи можни воени злосторства од страна на руските сили, соопшти Министерството за надворешни работи на Франција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Франција е одлучно посветена заедно со Украинците, нејзините меѓународни партнери и судовите да ја спречи неказнивоста на делата што претставуваат воени злосторства“, соопшти Министерството, и додаде: „Франција нема да ги занемари таквите злосторства“.
Тимот е прво вакво распоредување во Украина од земја на НАТО.
Преку Твитер, амбасадорот на Франција во Украина, Етјен де Понсинс, соопшти дека тимот во Лавов, западна Украина, денес ќе започне со работа и дека Франција е првата земја што ќе пружи таква помош на Украина.
Техничкиот тим вклучува двајца доктори по судска медицина и околу 15 жандарми од Институт за криминалистичко истражување на националната жандармерија со експерти за балистика, експлозиви, ДНК и отпечатоци од прсти. Беше испратен под инструкции од претседателот Емануел Макрон откако на виделина излегоа масовните злоупотреби од руските сили особено во градот Буча во близина на главниот град Киев, се наведува во соопштението.
Тимот ќе формира лабораторија за ДНК со уред за брза и проектирана генетска анализа и ќе ги испита и идентификува мртвите тела во областите претходно окупирани од руските сили. Тоа ќе им помогне на украинските власти во собирањето на докази, а исто така ќе придонесе за истрагата на Меѓународниот кривичен суд.
Како мандатен претседавач со Советот на Европската Унија, Париз исто така ќе ја формира европската иницијатива со агенциите „Еуропол“, „Еуроџаст“ и земјите членки за истрага на можните воени злосторства во Украина.