Havva Kara Aydın
23 Октомври 2020•Ажурирај: 24 Октомври 2020
БАКУ (АА) - Азербејџан собори уште пет ерменски беспилотни летала (дронови), соопшти денеска азербеџанското Министерство за одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Две ерменски беспилотни летала се уништени од единиците за противвоздушна одбрана, а уште две се соборени со специјална опрема во периодот помеѓу 3:00 часот [2300 ГМТ] и 9:00 часот наутро [0500ГМТ]“, се вели во соопштението на Министерството.
„Петтото летало кое се упатило во правец на подрачјето на Аџабеди е соборено во 12:00 часот [0800GMT].“
Според Министерството, азербејџанските сили од вторникот имаат соборено вкупно седум ерменски дрона.
- Територијални придобивки -
Азербејџанските власти истакнаа дека воените операции продолжиле со различен интензитет во текот на вчерашниот ден и во текот на ноќта.
„Нанесен е тежок удар на Вооружените сили на Ерменија во насоките Фузули, Џабраил и Губадли на фронтот, уништени се неколку непријателски упоришта, ослободени се важни територии и висински предели“, наведува Министерството.
Според азербејџанските власти, ерменските единици немаат доволно воена опрема, оружје, муниција, па дури и храна.
„Поради недостиг на регуларни армиски единици за одбрана на воените позиции, се принудуваат цивили да ги заменуваат војниците“, стои во соопштението.
Се додава дека војниците донесени од ерменските региони Тавуш и Сисиан во Нагорно Карабах одбиле да војуваат и ги напуштиле своите позиции.
- Конфликтот за Нагорно Карабах -
По избувнувањето на судирите на 27 септември, Ерменија континуирано вршеше напади врз азербејџанските цивили и војниците, и во изминатите две недели прекрши две хуманитарни прекини на огнот.
Последното хуманитарно примирје во Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан, стапи на сила минатата сабота.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации, бараат повлекување на окупациските ерменски сили од окупираните територии.
Вкупно, околу 20 отсто од територијата на Азербејџан, меѓу која и Нагорно-Карабах и седум негови соседни региони, се под нелегална ерменска окупација речиси три децении.
Групата Минск на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година со цел изнаоѓање мирно решение за конфликтот, но досега без значајни резултати, со исклучок на издејствуваното примирје во 1994 година.
Светските сили, меѓу кои и Русија, Франција и САД, повикаа на нов и траен прекин на огнот. Во меѓувреме, Турција од своја страна го поддржа правото на Баку на самоодбрана и побара повлекување на окупаторските ерменски сили.