Riyaz ul Khaliq
29 Август 2019•Ажурирај: 01 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Неодамнешните активности на Американската армија во Јужнокинеското Море предизвикаа реакции од Кинеската војска, која ги опиша како провокативни, пренесува Anadolu Agency (AA).
Американскиот брод разорувач „УСС Вејн Е. Мејер“ опремен со наведувачки ракети вчера патролираше во близина на спорните гребени на Кина во Јужнокинеското Море.
Портпаролот на Кинеската војска, Ли Хуамин, денес ги обвини Соединетите Американски Држави (САД) дека „делуваат хегемонистички, игнорирајќи ги меѓународните закони и правила“.
Тој го повика Вашингтон да ги запре своите провокациски активности со цел да се избегне непредвидлив инцидент.
Според тврдењата, американскиот разорувач пловел на 12 наутички милји оддалеченост од гребените Фиери Крос и Мисчиф, двата најголеми кинески вештачки гребени на спорните острови Спретли.
Кина тврди дека под нејзина контрола е поголем дел од Јужнокинеското Море, кое е богато со ресурси, подрачје кое во минатото беше сведок на голем број тензии.
Според тврдењата, ова е првпат американски воен брод да предизвика две кинески позиции истовремено, а се наведува и дека и други американски пловила биле во близина во текот на инцидентот.
Кинеската морнарица и воздухопловните сили го идентификувале, следеле и предупредиле американскиот разорувач, кој потоа ги напуштил тие води.
„Нашите трупи ќе ги преземат сите неопходни мерки за решителна одбрана на националниот суверенитет и безбедноста, и цврсто ќе го чуваат мирот и стабилноста во Јужнокинеското Море“, истакнува Ли.
Од друга страна, портпаролката на американската 7. Флота, Риан Момсен, рече: „Сите операции се направени во согласност со меѓународните закони и покажуваат дека Соединетите Американски Држави ќе вршат летови, ќе пловат и делуваат во согласност со меѓународните закони“.
Различните тврдења за територијален суверенитет врз островите во Јужнокинеското Море се долгогодишен извор на тензии во регионот.