Barış Seçkin
29 Август 2019•Ажурирај: 30 Август 2019
РИМ (АА) - Во Италија, претседателот Серџо Матарела му даде мандат за формирање на новата влада на сегашниот премиер Џузепе Конте, пренесува Anadolu Agency (AA).
Матарела, кој одржа две рунди консултации за решавање на тековната владина криза во земјата, го покани Конте во Претседателството за да му го додели мандатот за формирање нова влада. Претходно, двете партии што имаат најмногу пратеници во Собранието се договорија Конте да биде новиот мандатар.
За време на состанокот во Претседателската палата во Квиринале, Матарела му го додели на Конте мандатот за да ја формира новата коалициска влада.
- „Веднаш треба да започнеме со работа“
Конте, изразувајќи ја својата благодарност до Матарела, рече: „Условно ја прифаќам должноста за формирање на новата влада.“
Тој истакна дека ќе се сретне со политичките партии и потоа ќе се обрати до претседателот да му каже дали успеал или не успеал да се договори за формирањето на новата влада. Тој, исто така, наведе зошто мандатот го прифатил „условно“.
Конте, наведувајќи дека што побргу треба да излезат од неизвесноста што ја создаде владината криза, рече: „Веднаш треба да започнеме со работа за буџет кој ќе го спречи зголемувањето на ДДВ, ќе ги штити сопствениците на заштеди и кој предвидува силен раст и социјален развој.“
Џузепе Конте, исто така, истакна дека новата влада не е против никого.
- „Мора да го надоместиме изгубеното време за да може Италија да ја игра водечката улога“
Истакнувајќи дека Италија е основачка земја на Европската Унија (ЕУ), Конте рече:
„Ние сме во зората на новата законодавна ера во Европа. Мора да го надоместиме изгубеното време за да може Италија да ја игра водечката улога. Предлагам нова работна група која ќе понуди подобри услови за живот на нашите деца, која ќе го спречи одливот на мозоци и ќе ги елиминира сите нееднаквости.“
Во вестите во италијанскиот печат, пред почетокот на средбата со претседателот Матарела беше истакнато дека претседателот ќе го замоли Конте до почетокот на идната недела да ги одреди имињата на министрите и да подготви силна владина програма.
Несогласувањата меѓу двете страни, Движењето „Пет ѕвезди“ (М5С) и Демократската партија (ПД) продолжуваат, особено во врска со новите министри во Кабинетот и поделбата на министерствата.
- Од жолто-зелена коалиција во жолто-црвена коалиција
По парламентарните избори одржани во Италија на 4 март 2018 година, веќе скоро три месеци не може да се формира влада. Коалициската влада, предводена од Движењето „Пет ѕвезди“ (М5С) и екстремнодесничарската популистичка партија „Лига“, беше формирана на 1 јуни 2018 година формира Влада.
Популистичката влада, предводена од Конте, позната како жолто-зелена (М5С - партијата „Лига“) коалиција, поради партиските бои, по 14-месечно владеење ја заврши својата функција. Партијата „Лига“ на почетокот на овој месец, обвинувајќи го својот коалиционен партнер М5С побара да се одржат предвремени избори.
Конте остро го критикуваше лидерот на партијата „Лига“, Матео Салвини, и на 20 август ја најави својата оставка. Потоа претседателот Матарела иницираше консултации за изнаоѓање решение за кризата.
Новата влада, поради партиските бои, ќе биде позната како жолто-црвена (М5С-ПД) коалиција.
- Реакција од Салвини
Од друга страна, лидерот Матео Салвини и неговата партија „Лига“, кои честопати не се согласуваа во коалицијата, откако ги зголемија своите гласови на изборите во Европскиот парламент во мај побараа предвремени парламентарни избори.
Салвини на својот твитер-профил, критикувајќи ја втората влада на Конте, која треба да се формира со поддршка на М5С и ПД, рече: „Векот на оваа влада, која се заснова на омраза и договори за министерски фотелји, нема да биде долг. За нив, пред сè е фотелјата, а за нас Италијанците.“